Речиси 5.000 денари чини тестот за коронавирус што се изработува во државната лабораторија на Центарот за јавно здравје, а тестовите кои се прават во приватните клиники се три до четири пати поевтини.
Државните тестирања всуност се наплаќаат од државниот буџет, но сепак, иако цената не ја плаќаат граѓаните кои се тестираат, не е јасно зошто постои толкава разлика и зошто државата ја плаќа поголемата сума?
Тестовите кои се прават во приватната клиника „Жан Митрев“ (1500 денари), се речиси трипати поевтини од оние кои се праат во лабораторијата на Центарот за јавно здравје. А, уште поевтини се тестовите кои се прават во приватната клиничка болница „Аџибадем Систина“ (1200 денари).
Министерот за здравство Венко Филипче на прес –конференција за состојбата со коронавирусот не даде прецизен одговор на прашањето зошто државата плаќа многу повисока цена за тестовите од приватните клиники.
„Во однос на цените на реагенсите морам да напоменам дека има набавка преку Институтот за јавно здравје и преку Министерството. Имавме заштеда од еден милион денари, беа редвидени три милиони денари, а потрошивме 2 милиони“, рече Филипче без да каже зошто тестовите се речиси три до четири пати поскапи од приватните клиники.
На оваа тема анализа направи порталот А1ОН кој пренесува и сведоштво од граѓани.