Дрога 50 пати појака од хероин ѝ се заканува на Европа

Европската Унија мора да се подготви за нагло зголемување на синтетичката дрога фентанил, изјави европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон за Politico.

Тоа е реакција на предупредувањето на американскиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен дека Европа или сè уште не го открила проблемот со синтетичките дроги или наскоро ќе го открие.

Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е одговорна за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година.
На придружниот настан на Генералното собрание на Обединетите нации за заканите по здравјето и безбедноста од синтетичките дроги, американскиот претседател Џо Бајден ги повика сојузниците сериозно да ги сфатат заканите од фентанил, раскажува Јохансон.

„Тоа е проблем што го имате, само уште не знаете дека го имате или тоа е проблем што ќе го имате наскоро“, биле зборовите што Блинкен му ги упатил на комесарот Јохансон во разговорот за синтетичките дроги.
Соединетите Американски Држави се обидуваат однапред да ги предупредат своите сојузници „за другите да го немаат истиот проблем што го имаат тие“, рече Јохансон во интервју за Politico.

Јохансон: Капацитети за производство на фентанил во Европската Унија постојат
Таа додаде дека фентанилот и другите синтетички дроги во моментов не претставуваат главна опасност за Европската Унија, имајќи предвид дека канабисот е најпознатата дрога на континентот, а кокаинот е оној чија потрошувачка најмногу се зголемува.

Меѓутоа, во споредба со САД, каде синтетичките дроги се шверцуваат од земји како Мексико, Европа има лабораториски капацитети за производство на синтетички дроги, што многу лесно може да предизвика криза, истакнува Јохансон.
„Капацитетите за производство на фентанил во Европската Унија постојат, ние ги имаме“, тврди Јохансон. „Тоа, се разбира, значи дека производството може да започне веднаш штом некој реши да започне и реши дека има побарувачка.“

„Мораме да бидеме внимателни и подготвени“
Во 2021 година во ЕУ беа затворени 434 нелегални лаборатории за производство на синтетички дроги, се вели во Европскиот извештај за дроги од оваа година.
Експертите од Европската агенција за дрога предупредија претходно оваа година дека забраната на Талибанците за одгледување афион во Авганистан може драстично да го намали увозот на хероин во Европа, што, пак, може да доведе до зголемување на синтетичките опијати.
Мора да бидеме внимателни и подготвени“, предупредува Јохансон. ЕУ веќе работи на зајакнување на мандатот на својата агенција за лекови, која се занимава и со здравствените и безбедносните аспекти на недозволените дроги, давајќи и многу повеќе овластувања и двојно повеќе ресурси, рече таа.
Европскиот план за борба против трговијата со дрога што го објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во нејзиниот говор за состојбата на Европската унија ќе биде усвоен на крајот на оваа година, потврди Јохансон.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.