Демократската унија за интеграција (ДУИ) преку соопштение упати честитка за божиќните празници посакувајќи мир, хармонија и топлина во домовите на верниците, но изрази и разочараност од, како што велат, упорната омраза и недостаток на волја за соживот.
Од ДУИ велат дека во духот на празничните денови, се воздржуваат од остра реторика, но „не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности“.
„Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Оттаму велат дека се разочарани и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова, според ДУИ, не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава.
„Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство“, додаваат од ДУИ.
Иако во соопштението од ДУИ не се наведува конкретната причина зошто изразуваат разочараност и загриженост за албанскиот јазик, тоа доаѓа откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова испрати известување до собранискиот спикер оти нема да го потпише указот за прогласување на Законот за заштита на децата бидејќи, според неа, изгласаните измени содржат повеќе спорни одредби.
Во образложението Сиљановска-Давкова наведува дека спровела темелна анализа и експертски консултации по што бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од предлог-законот.
Во документот до кој дојде „360 степени“, претседателката вели дека посочените членови од законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот закон за употреба на јазиците.
Сиљановска-Давкова укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде што е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.
Од ДУИ реакција имаше и вчера од каде рекоа дека станува збор за скандалозна одлука на претседателката, што претставува напад на двојазичноста. Најавуваат дека ќе ги искористат сите правни и политички механизми за да го спречат, како што велат, ова „антиалбанско лудило“.
Од Владата, пак, вчера рекоа дека Законот за заштита на децата ќе се доработи и повторно ќе биде доставен до Собранието и оти постапката ќе се одвива согласно законските рокови.
Законот е донесен на 24 декември, а информацијата дека Сиљановска-Давкова не го потпишала указот ја обелодени вчера СДСМ. Од опозициската партија ја поздравија нејзината одлука и побараа власта да се откаже од носење на измените на Законот за заштита на децата.