Од коалицијата „Вреди“, која е дел од парламентарното мнозинство, изразија задоволство што апелите до ДУИ вродиле со плод и во овој контекст додаваат: „Ниту една лична кариера не е поважна од сигурната иднина на Албанците во ЕУ“
Добро е што за прашањето за реорганизација на министерствата дел од Демократската унија за интеграција (ДУИ) покажа дека може да биде и конструктивна опозиција. Ова е реакцијата на коалицијата „Вреди“ откако синоќа дел од пратениците на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ги поддржаа законските измени за реорганизација на министерствата во Владата.
„После бојкотот на гласањето за Африм Гаши заедно со Левица, ова е мал исчекор кон прифаќање на реалноста. Закон за правична застапеност на етничките заедници во органите на државна управа е дел од коалицискиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ‘Вреди’, кој ќе содржи механизми кои ќе го заменат балансерот во разумен рок. Формирањето ад хок собраниска комисија предводена од опозициски пратеник е добар чекор во зајакнување на контролата на законодавната врз извршната власт“,
велат од „Вреди“.
Од „Вреди“, која е дел од парламентарното мнозинство, изразија задоволство што апелите до ДУИ вродиле со плод и во овој контекст додаваат: „Ниту една лична кариера не е поважна од сигурната иднина на Албанците во ЕУ“.
Оценуваат оти новата организација на Владата, со која наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства, ќе овозможи ефикасност во реализација на заедничките програмски цели, што е во интерес на сите граѓани.
Доцна синоќа со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“, Собранието го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.
Пред гласањето, од партијата на Мицкоски преку писмено соопштение информира дека на средба меѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Европски фронт“ било договорено коалицијата предводена од ДУИ да даде поддршка за предлог-законското решение.