Д-р Никола Маџунков: Возраста кај жената и бременоста, ризик-фактори и медицински практики

Возраста на жените кои за прв пат остануваат бремени, се повеќе се зголемуваат на светско ниво, а тој тренд се случува и кај нас.
Како што возраста на жената или мајката се приближува до 35 годишна возраст, ризиците за одредени компликации и болести во бременоста се зголемуваат. Трудниците над 35 годишна возраст имаат зголемен ризик од гестациски дијабет, спонтани абортуси, хромозомски болести кај бебињата и други здравствени ризици во текот на бременоста.

‘’ СО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ВОЗРАСТА КАЈ ЖЕНАТА СЕ ЗГОЛЕМУВА И РИЗИКОТ ОД ХРОМОЗОМСКИ БОЛЕСТИ КАЈ БЕБИЊАТА’’
За да се утврдат ризик факторите од генетски и хромозомски болести, генетскиот ултразвук во бременоста и генетските тестирања во бременоста стануваат се повеќе потребни, но и се повеќе достапни. Овие испитувања во бременоста им помагаат на идните родители да бидат информирани за сите ризици во бременоста како и при планирањето на бременоста.

Разговараме со Д-р Никола Маџунков, специјалист по гинекологија, акушерство и репродуктивна медицина од Поликлиника Мартини во Струмица

Како се дефинира напредната возраст кај идната мајка?

Д-р Маџунков: Напредната возраст кај мајката новата медицина ја толкува како возраст од 35 години и нагоре. Ова е пресметана возраст, според многу научни студии, каде што ние докторите сметаме дека ризикот за одредени генетски и хромозомски болести кај бебињата веќе драстично се зголемува. На пример една статистика, само ризикот од Down Sy ( Даунов синдром) кај возрасна жена над 35 години изнесува 1%.

Затоа претпоставуваме дека оваа е возраста каде што треба да посветиме поголемо внимание на идните мајки, за да можеме да ги предвидиме и превенираме сите здравствени ризик фактори по мајките и нивните бебиња. Една од препораките се редовните прегледи во бременоста кај овие мајки да бидат поредовни, со димензиониран календар кај гиникологот со вклучена дијагностика, на пример со генетскиот ултразвучен преглед кој е подетален и посветуваме соодветно внимание на анализите на секој маркер кај бебињата. Понатаму креираме пристап на размена на детални инофмрации со идните мајки и ги информираме околу сите здравствени ризици или ако се јави потреба и од дополнителни тестирања како на пример амниоцентеза, хорион биопсија и неинвазивни генетски тестирања ( НИПТ тестови ).
Но, мораме да расчистиме една табу тема која можеби е сеуште пристуна и изразена на оваа територија на Балканот, а тоа дека напредната возраст кај мајката ја прави стара и дека ќе има компликации во бременоста, а со тоа се создава страв од бременоста. Многу погрешна претпоставка од аспекти на новата медицина и новите медицински парктики. Всушност, тој страв може навистина да рефлектира психолошки ризици и тоа треба да се минимализира. Тој страв е непотребен, бидејќи новите светски медицински практики се пристуни и кај нас и се применуваат во целина. Возраста во напредни години само значи дека кај овие мајки имаме поинтезивни протоколи за следење кои се поразлични од стандартните , а ние докторите се трудиме да ги предвидиме сите ризици по бебето и мајката. Во тоа е разликата, и во тој контекст апелирам, не се плашете дека не можете да бидете мајки ако имате над 35 години возраст.

Со зголемување на просечната возраста кај мајките на породување, дали сметате дека терминот ‘’ напредната возраст на мајката’’ е соодветен?
Д-р Маџунков: Лично сметам дека терминологијата напредната возраст кај мајките не е соодветен и прави кај мајките, да се чуствуваат несигурни, исплашени и анксиозни во бременост. Но, во напредната западна медицина таа терминологија и да не се користи. Во денешно време нема ништо ‘’напреднато’’ на возраста од 35 години, тоа не се стари трудници. Напротив, возраста кај мајките треба да биде само индикација за различен протокол и поинтезивен и подетален пристап на следење во бременост. Затоа посоодветен термин би бил ‘’возрасна индикација кај мајката’’, кој е нова медицинска терминологија. Но, како човек би ги советувал жените и мајките да не се обременуваат психолошки кон терминологијта која науката и медицината во еден даден период ги третира, а потоа секако и ги менува со технолошкиот развој.

Одатму, сведоци сме дека големиот технолошки развој во однос на гинекологијата на пример како што се ултразвучните апарати и големото напреднато знаење со генетските ултразвучни прегледи, и затоа сметам дека возраста кај мајката не треба да биде причина за страв од бременост. Во контекст на тоа, денес имаме се поголем избор и на други тестирања во бременост. Амницентезата, за разлика од минатото, е веќе безбедна интервенција каде ризиците се многу намалени и замерливи, а во поново време ги имаме и НИПТ тестовите – неинвазивни пренатални тестови, каде сигурноста за откривање на најчестите генетски и хромозомски болести е многу висока. На пример за Down Sy e 99%. Тоа е показател кој на нас и на идните родители ни дава патоказ како понатаму. Навистина една потребна и суштинска дијагностика.
Во пракса, со поголемата достапност на НИПТ тестовите и генетските ултразвучни прегледи во бременост веќе не мораме да правиме инвазивни тестови ( амниоцентеза). Доколку генетскиот ултразвучен преглед е уреден и имаме уреден НИПТ тест, сметаме дека нема потреба од други тестирања кај повозрасните жени/мајки.

И, би заклучил дека новите медицински пракси и пристапи нависитина ја менуваат сликата за возрста и кај нас докторите и кај пациентите. Сите овие напреднати прегледи и тестирања, креираат еден многу важен сегмент, а тоа е дека возрасната граница не смее да биде причина за страв од бременост. Мајките треба да бидат спокојни во текот на бременоста, а ние во Поликлиника Мартини апсолутно градиме таков пристап кон нашите пациенти. Она што јас лично го научив во Германија е дека во медицината има мнову возможни работи и дека новите медицински постигнувања треба храбро да се применуваат.
Дали ризикот од хромозомски абнормалности кај повозрасни мајки е клинички битен?
Д-р Маџунков: Во суштина да, затоа што со зголемувањето на возраста кај мајката се зголемува и ризикот од хромозомски проблеми кај бебињата. И, тоа е не е феномен туку природна реакција на стареење на организмот, статистички на возраст од 20 години, тој ризик изнесува помалку од 0,1%, меѓутоа веќе на возраст од 35 години, ризикот се зголемува на 1%, а на над 40 години е некаде околу 2-3%.

Проблемот на возраста е во поделбата на хромозомите. Кај мајки со поголема возраст хромозомите не се делат правилно и добиваме бебе со анеуплодии, односно со неправилен број на хромозоми.
Дали има нешто што мајките со возрасна индикација треба да го знаат при планирање на бременост?
Д-р Маџунков: Мајките со возрасна индикација треба да знаат дека со зголемување на возраста, нормално е дека се зголемува и ризик факторот од можни хромозомски проблеми кај нивните бебиња. Штом се зголемува ризикот, тоа значи дека се само потребни поредовни контроли и подетални тестирања во бременост. Се зголемува само интезитетот во пристапот и следењето на мајката и бебето. Треба да знаат дека секоја мајка веќе има избор од повеќе тестови и контроли во бременост: генетски ултразвучен преглед во тек на ултразвучниот скрининг во прв и втор триместар, амниоцентеза, хорион биопсија и НИПТ тестови.

Сите овие тестови и анализи мајките ги имаат веќе на располагање и можат да изберат тестирање кое нив им одговара и со кои ќе се чувствуваат безбедни и сигурни. Ние како лекари ги информираме нашите пациенти за сите можности на избор што им се достапни, а изборот на контроли и тестови зависи од пациентите. Обврска на секој лекар е детално да го информира својот пациент за сите можни ризици, контроли и тестови, за да можат мајките да донесат одлука врз основа на вистински и релевантни информации. Изборот е нивен. На приемер, има пациенти кои според сопствени уверувања сметаат дека не сакаат прекин на бременост доколку најдеме хромозомски проблем кај нивното бебе, но има и пациенти кои одлучуваат дека сакаат прекин на бременост. Одлуката за
секој следен чекор, за секој резултат од тие контроли и тестови ја донесува секој пациент индивидуално. И јас и мојот тим во Поликлиника Мартини сметаме дека секој пациент треба да биде правилно и детално информиран, и врз основа на тие информации сам да донесе конечната одлука. Наша задача е со вкупните и релевантни информации само да им помогнеме на брачните партнери да донесат самостојна одлука. Лекарите не треба да одлучуваат за своите пациенти.

Дали има недоволно проучени области кај мајките со возрасна индикација?

Д-р Маџунков: Генерално денес имаме многу информации од многу научни истражувања направени кај трудници со возрасна индикација. Постојат многу јасни докази и направени се соодветни табели и протоколи за ризиците од секоја возраст. Сметам дека оваа област е доволно проучена и имаме сигурни докази за правилно да ги советуваме нашите пациенти.
Меѓутоа возраста кај мајката не е единствен ризик од хромозомски и генетски болести во бременост, постојат ризици како претходна историја на болест, фамилијарен ризик и генетска историја и многу други ризици. Тука исто така имаме многу иформации и голем напредок во феталната медицина и генетика. Но, тоа е веќе друга тема на која ќе имам посебен осврт во јавноста.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.