Како што се наближува најлудата ноќ во годината, така се зголемуваат желбите и плановите на граѓаните каде да одат за Нова година. Во зависност од тоа колку им е длабок џебот, дел од граѓаните одлучиле дека нема да ја поминат оваа ноќ во домашна атмосфера или, пак, во некој од рестораните, туку во некоја пред сѐ европска или далечна дестинација.
Но, голем е интересот и за посета на некој од регионалните метрополи каде што има организирани прослави на главните плоштади.
Македонските граѓани, како и секоја година, за новогодишните празници имаат голем избор на најразлични аранжмани надвор од земјата што ги нудат агенциите.
Според објавените понуди, цените за оваа година се различни, но има за секој џеб. Од агенциите велат дека интерес има, но како што се приближува 31 декември, така интересот е сѐ поголем.
– Интерес има за новогодишните патувања како и секоја година. Најбарани се Азурниот Брег, Прага, Будимпешта, Виена и Париз. На овие европски дестинации Македонците традиционално патуваат за Нова година. Цените се исти како и минатата година – велат од една скопска туристичка агенција.
Велат дека граѓаните поучени од претходните години сега уплаќаат кога има попусти.
– Што се однесува до подалечните дестинации, има интерес, но тоа најмногу се однесува на индивидуални патувања, а не на аранжман од агенцијата. Има интерес и за метрополите во регионот, но не зашто цените се пониски за поблиските дестинации, туку поради бројот на денови за да се реализира патувањето – велат од туристичката агенција.
Според она што во моментов се нуди од туристичките агенции, цените се различни. Од 80 евра за две ноќевања во Солун за дочекот на Новата година, па до 1.500 евра во Њујорк.
Така според понудите, ако сакате оваа година да го видите Азурниот Брег во новогодишно руво со посета на Милано, Ница, Сен Тропе, Кан и Монако, со автобуски превоз, аранжманот за пет дена и 3 ноќевања ќе ве чини околу 250 евра.
Дочек на Новата година во Прага, со попатна посета на Дрезден и Карлови Вари, со три ноќевања ќе ве чини 190 евра, додека за две ноќевања ќе треба да платите 170 евра.
Аранжманот што го нудат, пак, агенциите за посета на Париз, исто така со автобуски превоз, со попатно застанување во Виена, Прага, Минхен и Салцбург, за патување од 8 дена со четири ноќевања, ќе ве чини 300 евра, а ако сакате, пак, за најлудата ноќ да бидете во вечниот град Рим со попатна посета на Пиза и Фиренца, аранжманите се движат околу 250 евра.
Новогодишно патување, пак, во Виена со само две ноќевања ќе ве чини 160 евра.
Агенциите нудат и новогодишни аранжмани за посета на Милано со попатно застанување во Лугано, Верона и езерото Комо. Цените се 175 евра со две ноќевања и 190 евра со три ноќевања.
Една од поблиските и најевтини дестинации и, секако, една од најпосетените кај Македонците, е аранжманот за посета на Будимпешта. За две ноќевања цената е 140 евра, за три ноќевања е 170 евра, а аранжманот предвидува и посета на Виена и Сент Андреа.
Кај нашиот северен сосед, во Белград, аранжманите што ги нудат агенциите за три дена со хотелско сместување се околу 100 евра, за посета на Нови Сад понудите се движат по цена од околу 110 евра за две ноќевања.
Ако сакате, пак, Новата година да ја дочекате со мирис на море, за најблиската дестинација, Солун, аранжманите што се нудат кај агенциите чинат околу 80 евра за две ноќевања. Понуда има и за Софија исто така за околу 100 евра со автобуски превоз.
Освен со автобуски превоз, за оние со подлабок џеб, туристичките агенции нудат и аранжмани со авионски превоз.
Така, цената на аранжманот за новогодишно неколкудневно патување во Париз со авион чини околу 450 евра, за Истанбул 300 евра, а за Рим 450 евра.
Но, освен поблиските дестинации во Европа, туристичките агенции за најлудата ноќ во годината нудат и егзотични дестинации со авионски превоз.
Така, пет ноќевања во Дубаи и дочек на Новата година во оваа светска метропола ќе можете да си овозможите за цена од 850, па до 1.359 евра во зависност од хотелот.
Новогодишен одмор во Тајланд од 11 дена и 9 ноќи нашите агенции нудат по цена од 1.000 евра.
Ако, пак, сакате да ја дочекате 2017 година во Израел, аранжманите што ги нудат агенциите се движат од околу 780 евра за шест ноќевања, додека на Тајмс сквер во Њујорк, тоа ќе ве чини околу 1.500 евра за 8 дена и 7 ноќевања.
Ако сакате некои поегзотични и потопли предели, во понудата на туристичките агенции се и Малдивите, каде што можете да одморите и да ја дочекате Новата година по цени од 2.200 до 4.500 евра за 9 ноќевања.