Еве што се случува со вашето тело кога јадете јагоди секој ден

СОВРШЕНО слатки и сочни, јагодите се едно од најпопуларните овошја, а се и исклучително добри за целокупното здравје бидејќи се богати со витамини, минерали, влакна и антиоксиданси. Лесно се вклучуваат во вашата исхрана, свежи или замрзнати, како додаток во смути, јогурт или овесна каша, а се одлични и сами по себе. Според диететичарите, дневната консумација на јагоди носи бројни здравствени придобивки, пишува Realsimple.

Нутритивна вредност на јагодите

„Јагодите можеби се мали, но се полни со важни хранливи материи, вклучувајќи витамин Ц, растителни влакна, фолна киселина, калиум и антиоксиданси. Всушност, само една порција обезбедува речиси 100 проценти од вашите дневни потреби за витамин Ц“, вели регистрираниот диететичар Миа Син.

Една порција, со тежина од околу 150 до 170 грама свежи јагоди, содржи приближно 53 калории, 1,1 грама протеини, 12,7 грама јаглехидрати и 3,3 грама влакна. Тие се исто така богати со микронутриенти, обезбедувајќи 97,6 милиграми витамин Ц, 254 милиграми калиум и помали количини калциум, магнезиум, фосфор, фолна киселина и железо.

Придобивки за варењето, имунитетот и срцето

Редовното консумирање јагоди носи голем број придобивки, од кои првата е поврзана со здравјето на дигестивниот систем.

,,Влакната помагаат во одржувањето на редовно варење и правилна функција на цревата“, објаснува Џана ДиМарија, регистриран диететичар и инструктор по медицина на Медицинскиот колеџ во Њујорк.

Јагодите содржат и пектин, вид пребиотски влакна што служат како храна за добрите цревни бактерии.

„Кога цревните бактерии ги разградуваат овие влакна, тие создаваат масни киселини со краток синџир како бутират, кои го поддржуваат здравјето на цревата и го намалуваат воспалението“, додава ДиМарија.

Здравјето на цревата е директно поврзано со имунитетот, бидејќи повеќе од 70 проценти од имунолошките клетки се наоѓаат во цревата. Затоа јагодите помагаат во зајакнувањето на одбранбениот систем на телото, што е дополнително засилено со нивната висока содржина на витамин Ц.

,,Витаминот Ц се акумулира во белите крвни клетки и може да ја подобри нивната способност за борба против бактериите. Исто така, помага во создавањето и подобрата функција на имунолошките клетки кои ги препознаваат и уништуваат патогените како бактериите и вирусите“, вели ДиМарија.

Друга важна придобивка од јадењето јагоди е подоброто здравје на срцето.

,,Јагодите го поддржуваат здравјето на срцето првенствено поради нивните влакна, калиум и антиоксиданси како антоцијанините“, истакнува Син.

Таа објаснува дека влакната помагаат во намалувањето на „лошиот“ LDL холестерол, калиумот помага во регулирањето на крвниот притисок со балансирање на нивоата на натриум, а антоцијанините ја поддржуваат здравата функција на крвните садови и го намалуваат оксидативниот стрес.

Конечно, редовната консумација на јагоди може да помогне во намалувањето на оксидативниот стрес и воспалителните процеси во телото. „Јагодите содржат антиоксиданси како витамин Ц, антоцијанини и други полифеноли кои помагаат во намалувањето на воспалението. Овие соединенија делуваат на неутрализирање на слободните радикали и намалување на воспалението“, објаснува Син. Ова е важно бидејќи хроничниот оксидативен стрес и воспалението се поврзани со дијабетес тип 2, срцеви заболувања и некои видови на рак, а исхраната богата со јагоди може да помогне во намалувањето на тој ризик.

На што да внимавате

Иако јагодите се исклучително здрави, постојат некои потенцијални недостатоци. Ако не сте навикнати на исхрана богата со растителни влакна, наглото зголемување на внесот може да предизвика дигестивни тегоби, па затоа е најдобро постепено да воведувате растителни влакна.

Исто така, јагодите треба да се консумираат умерено ако треба да го ограничите внесот на витамин Ц. Според диететичарот ДиМарија, ова може да важи за луѓе кои се подложени на хемотерапија или зрачење, бидејќи витаминот Ц може да влијае на ефикасноста на терапијата. Слично на тоа, витаминот Ц ја зголемува апсорпцијата на железо, па затоа луѓето со хемохроматоза, состојба која предизвикува вишок железо да се акумулира во телото, треба да избегнуваат големи количини.

Препорачаниот дневен внес е околу 150 до 170 грама јагоди, што одговара на една порција овошје.

„Упатствата за исхрана препорачуваат возрасните да внесуваат околу две порции овошје дневно, па затоа јагодите можат да бидат одличен дел од тој внес како дел од балансирана исхрана“, вели Син. Таа заклучува: „За повеќето луѓе, јадењето јагоди секој ден како дел од балансирана исхрана е безбедно и здраво. Сепак, важно е да се јаде разновидно овошје за да се обезбеди поширок спектар на хранливи материи.“
The post Еве што се случува со вашето тело кога јадете јагоди секој ден appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: