Европа се заклучува пред празниците поради Ковид-19

Поради влошената епидемиолошка состојба, и во пресрет на Божиќните и новогодишните празници, европските земји ги заоструваат веќе постоечките ограничувачки мерки.
Германија влезе во целосна блокада на полноќ, а Франција претходната блокада ја заменува со полициски час. Мерките ќе траат во Германија до 10 јануари и во тој период ќе работат само продавници како супермаркети и аптеки, како и банки.
Училиштата исто така ќе бидат затворени во тој период, а од работодавците ќе се бара да затвораат деловни активности или нивните вработени да работат од дома.
За време на Божиќните празници од 24 до 26 декември ќе има мала релаксација: тогаш ќе им биде дозволено на најмногу четири лица од најблискиот семеен круг, кои не припаѓаат на едно домаќинство, да дојдат во нечија куќа.

Забраната за собири ќе биде во сила за новогодишната ноќ.
Овој Божиќ ќе биде сосема поинаков и во црквите: минималното растојание е еден и пол метар со задолжителна маска. Пеење не е дозволено оваа година. Правилата важат и за синагогите и за џамиите.
Во Франција, полицискиот час ќе важи од 20 до 6 часот наутро, кога луѓето нема да можат да ги напуштат своите домови без дозвола.
Исклучок ќе биде Бадник, но правилото ќе важи за новогодишната ноќ, јави Би-Би-Си.
Баровите и рестораните ќе бидат затворени најмалку до 20 јануари.
Нови мерки за „заклучување“, кои, меѓу другото, значат затворање на училишта и продавници најмалку пет недели, исто така се донесени во Холандија.
Училишта, невитални продавници, музеи, спортски сали, театри и фризерски салони се затворени од полноќ до 19 јануари. Ограничувањата ќе бидат намалени околу Божиќ кога холандските домаќинства ќе можат да бидат домаќини на три наместо на двајца гости.
Италијанскиот премиер Џузепе Конте ги повика граѓаните да избегнуваат „неодговорни“ собири за време на празниците и најави можно засилување на мерките за тој период.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.