Колку пари се потребни за да се биде среќен?
Одговорот на вековното прашање колку пари ви се потребни за да бидете среќни може да биде различен за секого, но неодамнешните студии од Европа и САД открија дека парите навистина можат да купат среќа.
Во САД, шест од десет луѓе веруваат во тоа, според истражувањето на компанијата за финансиски услуги „Емпауер“ спроведено од „Харис Пол“. Американските „милениумци“ (генерацијата родена помеѓу 1981 и 1996 година) дури и ја прецизираа цената: им треба годишна плата од 525.000 долари (480.700 евра) за да почувствуваат дека се финансиски среќни.
Во меѓувреме, просечниот Американец би се задоволил со 284.167 долари годишно за да биде среќен, генерацијата зед бара 128.000 долари, генерацијата икс 130.000 долари, а бумерите велат дека би биле среќни 124.000 долари годишно.
Колку расположлив приход заштедуваат домаќинствата низ Европа?
Ако финансиската среќа има цена, просечниот Американец верува дека има нето-вредност од 1,2 милион долари (1,1 милион евра).
Европејците може да се задоволат со помалку; луѓето во Западна Европа и во Скандинавија именувале 100.000 долари (91.561 евро) годишно како пресвртна точка во нивната животна процена и задоволство од реалниот живот; имањето повеќе од оваа сума може позитивно да ги промени нивните мисли за нивниот живот, покажа студијата од 2018 година на универзитетот „Пердју“. Во Источна Европа оваа сума е многу помала, 45.000 долари (41.202 евра).
Сепак, оваа студија исто така тврди дека емоционалната благосостојба, во основа среќата, се зголемува само рака под рака со приход до 50.000 долари во Западна и 35.000 долари во Источна Европа.
Имањето повеќе пари од тоа нема дополнително влијание врз тоа колку се среќни луѓето. Но, на крајот на краиштата, тие ја спроведоа оваа студија пред неколку години со висока инфлација, па „Евроњуз бизнис“ ги приспособи овие бројки со инфлацијата и откри дека износот денес би бил околу 58.205 евра за Западните и 40.690 евра за Источноевропејците.
Што е финансиска среќа, сепак?
Според американското истражување, финансиската среќа им носи слобода, сигурност и олеснување на анкетираните.
Подетално, истражувањето покажа дека финансиската среќа се огледува во способноста да се платат сметките навреме за 67 отсто, живеењето без долгови за 65 отсто, овозможувањето секојдневен луксуз без грижа за 54 отсто и поседувањето дом за 45 отсто од луѓето.
За повеќе од половина од луѓето, споделувањето искуства со најблиските исто така е од големо значење, додека пензионирањето под сопствени услови е важен фактор за 37 отсто. Речиси четири петтини од анкетираните Американци се согласија дека финансиската среќа може да го подобри нивното здравје, со што ќе донесе поголема продуктивност и креативност на работа. Вкупно 73 отсто додале дека би се откажале од социјалните мрежи доколку тоа значи финансиска среќа.
Во реалноста, 73 отсто од Американците велат дека се соочуваат со финансиски стрес, а една неодамнешна студија покажува дека 85 отсто од Европејците или се во несигурна финансиска ситуација или треба да бидат внимателни во управувањето со своите трошоци.
Што велат богатите?
Имањето многу пари, сепак, не носи среќа само по себе, но помага. Вкупно 81 отсто од најбогатите во Европа, со личен доход од 100.000 евра се среќни, но 75 отсто што заработуваат помалку од тоа (иако сè уште се богати) исто така рекле дека се среќни.
Сепак, најбогатите се значително позадоволни со својата работа (73 отсто) од оние со помалку од 100.000 евра годишно (65 отсто).
Возраста е важна, позрелите богати добиваат поголемо задоволство од животот отколку нивните придружници под 35 години, покажа студијата. Богатите во Западна Европа се посреќни од оние во источниот дел. Спортувањето исто така го зголемува нивото на среќа, иако тоа веројатно важи за сите.
Каде е најскапо „да се биде среќен“?
Бројките од студијата на универзитетот „Пердју“, приспособени со коефициентите на куповната моќ, покажуваат дека посакуваниот приход за да се биде среќен е највисок во Иран (219.837 евра) низ светот и во Норвешка (107.969 евра) и Швајцарија (106.154 евра) во Европа.
Во Лондон ви треба еквивалент од 94.490 евра, според студијата.