Европската комисија, како што објави „Политико“ утре се очекува да ги предложи т.н. преговарачки рамки кои ги одредуваат насоките и основните принципи на пристапните преговори, по што за нив ќе дискутираат лидерите на земјите членки на Унијата на состанокот во Брисел идната недела
Откако Европската Унија (ЕУ) ѝ додели кандидатски статус во 2022 година, Европската комисија (ЕК) сега најверојатно ќе препорача отворање на пристапните преговори за пристап во Унијата со Босна и Херцеговина. Одлуката, како што објави „Политико“, повикувајќи се дипломатски извори од ЕУ, се очекува ЕК да ја соопшти утре.
Европската комисија утре се очекува да ги предложи т.н. преговарачки рамки кои ги одредуваат насоките и основните принципи на пристапните преговори, по што за нив ќе дискутираат лидерите на земјите членки на Унијата на состанокот во Брисел идната недела.
Дипломатите и официјалните претставници на ЕУ, според „Политико“, предупредуваат оти договорот меѓу 27. европски престолнини, кој е потребен за формален почеток на преговорите, веројатно нема да се случи пред европските избори во јуни.
Босна и Херцеговина има кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ од декември 2022 година.
На самитот во декември 2023 година, Советот на ЕУ изрази подготвеност за отворање на пристапните преговори со БиХ и ја повика Комисијата во март да објави извештај за степенот на исполнување на клучните критериуми, што ќе послужи како основа за одлука на лидерите на ЕУ. Извештајот и оценката на ЕК се клучни за одлуката на ниво на шефови на држави и влади на ЕУ, кои на самитот на 21 и 22 март ќе разговараат за можноста за отворање пристапни преговори меѓу Брисел и Сараево.