„Европски фронт“ обвини дека има обид за изборен инженеринг за да им се одземат два пратенички мандата

„Другите политички партии, врз основа на непринципиелен политички договор и газејќи на волјата на граѓаните, на оркестриран начин, поднеле приговори за изборачки места во петтта и шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и после изборниот процес“, изјави дененска на прес-конференција шефот на изборниот штаб на „Европски фронт“, Арбер Адеми

Како што информираа денеска од Државната изборна комисија, до нив се пристигнати вкупно 27 приговори. Десет приговори се поднесени од Коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица

„Европскиот фронт“ предводен од ДУИ попладнево обвини дека поднесените приговори до Државната изборна комсија (ДИК) од други политички партии и коалиции за нерегуларности на парламентарните избори на неколку избирачки места во петтата и шестата изборна едница се обид за изборен инженеринг. 

Целта е, како што рече шефот на изборниот штаб на „Европски фронт“, Арбер Адеми, да ѝ се одземат два пратенички мандата на коалицијата предводена од ДУИ. 

Од денешната прес-конференција на Арбер Адеми/ Фото: Принтскрин

Според Адеми, приговорите се поднесени врз основа на непринципиелен договор меѓу другите политички партии, оценувајќи дека тоа е газење на волјата на граѓаните.     

За сите овие, како што ги нарече, темни сценарија, веќе ги информирале сите меѓународни партнери – Соединетите Американски Држави (САД), Европската Унија (ЕУ), НАТО, ОБСЕ и ОДИХР.

„Другите политички партии, врз основа на непринципиелен политички договор и газејќи на волјата на граѓаните, на оркестриран начин, поднеле приговори за изборачки места во петтта и шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и после изборниот процес. А дека тоа е така доказ се самите потписи на сите членови на избирачките одбори кои се предложени од самите политички партии, а кои денеска и овие денови поднеле приговори. Целат е јасна. Сакаат на ‘Европскиот фронт’ да му одземат два пратенички мандата, иако тие пратенички мандати се резултат на чистата волја на граѓаните и на слободното изразување на граѓаните“,  

рече Адеми.

Потпретседателот на ДУИ рече оти имаат аргументи, притоа посочувајќи дека во сите записници додека траеле изборниот процес и по неговото завршување сите учесници потврдиле дека немало неправилности.  

Дополнително, тој наведе дека сите поднесени приговори се однесуваат само за парламентарните избори, а не и за претседателските, иако станува збор за исти избирачки места. 

„Трето, приговорите се однесуваат главно на тие избирачки места каде што подносителот има повеќе гласови. Од авион може да се забалежи кој е обидот, која е тенденцијата за изигрување на волјата на народот“,

рече Адеми. 

Како пример тој посочи две избирачки места – едно во село Желино, Тетовско во Изборната едница 6 и друго во Изборната единица 5. 

„Во Желино на избирачкото место 2101 резултатот е следен: за ‘Влен’ гласале 332 гласачи, за ‘Европскиот фронт’ 134. Ова избирачко место е во селото од каде доаѓаат претседателот на Движњето Беса, Билал Касами. Со приговор самите тие го оспоруваат резултатот каде што тие имаат повеќе гласови. Вториот пример е во Изборната едница број 5 каде се оспоруваат избирачки места каде што нема гласови за ‘Европскиот фронт’, но каде што убедливо повеќе гласови има ВМРО-ДПМНЕ. На пример, во избирачкото место 1295, ВМРО-ДПМНЕ има 409 гласа, СДСМ има 103, ‘Европскиот фронт’ нула. Која е целта? Дали се подготвува трансфер на гласови од една опција во друга опција само за ‘Европскиот фронт’ да има еден мандат помалку во петтата изборна единица“,

праша Адеми. 

Тој во името на „Европскиот фронт“ упати апел до Државната изборна комисија и до нејзините членови одговорно да одлучуваат за секој приговор.  

„Апелираме дека имаат одговорност за секоја нивна одлука за заштита на слободното изразување на гласачите и за демократските гласови на граѓаните. За нас гласот на граѓаните е светост и затоа максимално ќе се потрудиме безрезервно, безусловно да го браниме секој глас“,

порача Адеми.  

Инаку, како што информираа денеска од Државната изборна комисија, до нив пристигнати се вкупно 27 приговори. Десет приговори се поднесени од Коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. 

Пронајдете не на следниве мрежи: