Албанија продолжува да се соочува со масовен егзодус на своето население во поразвиените земји. Заедно со Молдавија е меѓу земјите со највисоко ниво на имиграција.
Проблемот го посочува Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во глобалниот извештај за 2024 година, во кој се наведува дека „главно, поради недостатокот на перспективи за вработување со пристојни плати, многу луѓе заминаа да работат во Западна и Северна Европа“.
– Земјите како Албанија и Република Молдавија се едни од најтешко погодените. Околу 40 отсто од албанската работна сила, на пример, се проценува дека работи во странство, што придонесува за одлив на мозоци, вршејќи притисок врз локалните индустрии и економии кои постојано губат работници, како нискоквалификуван, така и високообразовен кадар, оценува ИОМ.
Меѓународната организација за миграција како причини ги наведува високата стапка на сиромаштија, разликите во платите меѓу Албанија и другите земји во регионот, значителната корупција и клиентелизмот, кои влијаеле врз одлуките на луѓето да ја напуштат земјата.
И според неодамна објавените податоци на Европскиот институт за статистика, Албанија има највисоко ниво на емиграција. Во изминатата деценија односно во периодот од 2014 до 2024 година, само преку легална емиграција, од Албанија заминале над 478.000 граѓани. Но, реалниот број на оние кои ја напуштиле земјата е многу повисок, ако се земе предвид илегалната имиграција.
Најпосакувана дестинација и понатаму е Германија, по што следуваат Франција, Италија и Велика Британија.