Еден дел од светската популација се прекумерно дебели, други умираат од глад

Доколку продолжат сегашните нездрави трендови во исхраната, повеќе од четири милијарди луѓе би можеле да бидат со прекумерна тежина до 2050 година, од кои 1,5 милијарди би страдале од прекумерна дебелина (гојазност), покажа една нова студија.
Предупредувајќи на здравствена криза од незамисливи размери, експертите од Институтот за истражување на влијанието на климатските промени во Потсдам велат дека побарувачката за храна може да се зголеми за 50 проценти до средината на векот и да ги надмине капацитетите на Земјата за одржлива природа.
Производството на храна веќе „цица“ до три четвртини од светските резерви на свежа вода и троши третина од земјиштето, па затоа е одговорна за една третина од емисиите на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.
Давајќи преглед на промените во навиките за јадење низ целиот свет од 1965 до 2100 година, научниците користеа отворен модел за да предвидат како ќе се промени побарувачката на храна во однос на растот на популацијата, стареењето, зголемувањето на индексот на телесна маса, намалувањето на физичката активност и зголеменото фрлање храна.
Тие утврдија дека, со непроменето однесување, повеќе од 4 милијарди луѓе или 45 проценти од населението ќе бидат со прекумерна тежина до 2050 година. Според тој модел, 16 проценти ќе бидат гојазни во споредба со сегашните 9 проценти од 29 проценти од популацијата со прекумерна тежина.

„Зголемувањето на фрлената храна и зголемената потрошувачка на животински протеини значи дека влијанието врз животната средина на нашето земјоделство ќе излезе од контрола“, рече Бенџамин Бодирски, кој е предводник на студија чии резултати беа објавени во списанието Nature Scientific Reports.
Без разлика дали станува збор за штетни гасови, загадување со азот или уништување на шумите – ги достигнуваме границите на нашата планета или ги надминавме.
Глобалните навики во исхраната се оддалечуваат од исхраната базирана на растителна храна и скроб
Иако трендовите варираат од регион до регион, авторите на студијата заклучуваат дека глобалните навики во исхраната се менуваат од исхрана заснована на растителна храна и скроб во диета богата со шеќери, масти, храна од животинско потекло во која има значителен удел од индустриски преработена храна.
Истото истражување откри дека со растечката нееднаквост и фрлање на храната што се произведува, а не се троши бидејќи нема каде да се складира, или со претерување при купувањето намирници, околу половина милијарда луѓе ширум светот ќе бидат прекумерно дебели до половината на векот.
„Има доволно храна во светот – проблемот е што најсиромашните на планетата немаат пари да ја купат“, вели коавторот на истражувањето Прајал Предан.
„И во богатите земји, луѓето не ги чувствуваат економските последици и последиците од фрлањето храна наоколу.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.