Полицискиот билтен изобилува со пријавени тепачки на територијата на целата држава. Се тепале тинејџери со дедовци, тепан бил тинејџер во Градски парк, еден е избоден, а имало и семејна тепачка…
Денеска, во 00.30 часот во с.Мирковци, скопско, полициски службеници од СВР Скопје го привеле К.Ј.(19), по претходна пријава за нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу него и Ј.Ј.(68), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во неделата, во 18.30 часот во СВР Скопје Д.Г.(19) од Скопје пријавил дека на 22.06.2024 околу 01.00 часот во Градскиот парк во Скопје бил физички нападнат од четири лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во 11.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Чичино село, скопско, по претходни недоразбирања, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Х.М.(46) од една страна и Л.А.(50) и Џ.Р.(55) од друга страна, сите од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во 12.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Драчево бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Д.Б.(24) и Ј.Б.(35), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во 15.45 часот на подрачјето на Чаир полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Т.А.(26) од Скопје, поради тоа што околу 15.00 часот по претходна расправија со остар предмет му нанел повреда на Е.А.(28) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Вчера, полициски службеници од ОВР Ресен во с.Перово,ресенско, поради сторено кривично дело по чл.144 ст 3 од КЗ ,,загрозување на сигурноста“ го лишиле од слобода Т.К.(38) од с.Перово. Имено, на 23.06.2024 во ОВР Ресен А.К.(41) од Ресен, пријавил дека, додека со неговиот брат се наоѓале во својот дом во Ресен, пред влезната врата од дворот дошол Т.К. и упатувал закани по живот кон пријавителот, неговиот брат и нивното семејство. По документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во 11.50 часот вчера пак, во СВР Скопје, С.З.(35) од Скопје пријавила дека околу 10.00 часот на подрачјето на Бит Пазар, во автобус, едно лице со употреба на физичка сила и го одзело златниот ланец што го носела на себе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.