Единствено што го интересира Пановски е паушалот од 500 евра за кој, за жал, не работи ништо, срамно е неговото однесување, велат од Град Скопје

Советникот од редовите на ЛДП, Никола Пановски, продолжува со срамното однесување на социјалните мрежи ставајќи се во улога на фејсбук-инфлуенсер наместо да си го заработи чесно паушалот од 500 евра за една седница месечно и да се занимава со она за што е избран во Советот на Град Скопје, реагираат од оваа институција.

Според Град Скопје, однесувањето на Пановски не прилега на советник, а уште помалку на професор, доктор и човек што треба да образова нови генерации.

„Во изминатите две години Пановски во Советот на Градот е безгласна буква, советник што нема предложено ниту еден амандман, а камоли некакво решение во интерес на скопјани, во интерес на оние што го гласале.

Единствено нешто што го интересира Пановски е паушалот од 500 евра за кој, за жал, не работи ништо имајќи ја предвид неговата неактивност како советник.

Што се однесува до клупите кои се исчезнати од кејот на Вардар, трагично е што Пановски коментира без соодветно да се информира за случајот кој е пријавен во полицијата и одговорот советникот треба да го бара токму од МВ“, се истакнува во реакцијата од Град Скопје.

Очигледно, како што додаваат, советникот Пановски нема храброст да го контактира својот помошник-министер во МВР, кој доаѓа токму од неговата партија ЛДП и да го запраша до каде е истрагата за случајот или ќе продолжи и натаму да соли памет на социјалните мрежи.

„Доколку не побара одговорност од својот партиски кадар на ЛДП, тој ќе ги потврди појавените сомнежи, кои иницираат прашање дали тој самиот е инволвиран во случајот за кражбата на клупи имајќи предвид колку е запознаен во детали за начинот на кој е оштетен имотот на граѓаните и на кој се исчезнати клупите од градскиот парк“, се потенцира во дописот од Град Скопје.

Пронајдете не на следниве мрежи: