Една роза цело богатство – 8 Март скапо нѐ чини

Каранфил е најевтиното цвеќе кое можете да го купите за 8 Март. Цената за ваков цвет се движи од 50 денари на пазарите до 80 денари цвеќарите. Доколку најдете роза за 100 денари вие сте среќник. Инаку таа се движи од 150 денари нагоре. Значително е покачена цената на сите цвеќиња – гербери, кринови, ириси…
Повисоки се и цените на саксиските свеќиња. Доколку до пред некој ден циклама можеше да се најде и за 140 денари, сега цената на ова цвеќе се движи од 200 денари нагоре. Зголемена е и цената на мини руќи, кои од 200 денари скокнаа на 300 денари.


Граѓаните револтирани – кога ќе дојде празник се ограбува народот.
-Сакаш да покажеш внимание, а тоа внимание ќе те чини празни џебови. Ова не е нормално што се прави. Ќе дојде Бадник, Божиќ, цената на оревите, костените, овошјето се удвојува. Да не зборуваме за цената на јагнињата. За велигден купуваме јајца со цена повисока дури трипати од вообичаената цена. Наместо за тие празници, кога прометот им е поголем, да се намали цената, они го пљачкаат народот. Наместо да се радуваме на секој празник што доаѓа, ние се плашиме како ќе го поминеме месецот – вели скопјанецот Марјан Ристевски.
И дел од препродавачите на цвеќиња се револтирани. Велат набавната цена на цвеќињата е скокната, што влијае и на малопродаќната цена. Ако еден цвет по набавна цена чинел 30 денари, сега истиот тој го земаат за 60 денари.
-Веќе од средина на февруари ние немаме избор на цвеќе. Муштериите реагираат, но цените веќе во тој период скокаат и не се исплати да земаш количина и разновидни растенија. Го земаш она што најмногу се троши – ружи, гербери… Кога доаѓа 8 Март веќе цените се отидени до плафон. Муштериите ни реагираат на нас, а ние немаме избор. Кога набавната цена ти е двојно повисока и продажната ќе биде двојно повисока. Реално, има и препродавачи кои претеруваат со цените, но најчесто превисоките цени не се одраз на нашата лакомост туку на оние кои продаваат на големо – вели цвеќар кој држи тезга за продажба на аранжерско цвеќе.
Тој додава дека најмногу ќар во овој период се дивите продавачи. Вели во кофа продава дворско цвеќе, без никакви трошоци. А нивните цени исто скокаат. Ако претходно цел букет од 11 лалиња чинел 100 – 120 денари, тогаш се продава 50 денари лале.
Граѓаните ги празнат џебовите, цвеќарите работат турбо, а месецов… месецов е долг. А два дена после 8 Март доаѓа и прочка… На здравје нека ни се цените и трошоците!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.