Економските санкции на ЕУ кон Русија продолжени за уште шест месеци

Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на рестриктивните мерки воведени поради „континуираните активности на Руската Федерација со кои се дестабилизира ситуацијата во Украина“, за уште шест месеци, до 31 јули 2026 година.

Овој пакет економски мерки првпат беше воведен во 2014 година по руската анексија на Крим, по што беше значително проширен од февруари 2022 година како одговор на агресијата на Русија врз Украина.

Пакетот санкции опфаќа широк спектар на секторски мерки, вклучувајќи ограничувања за трговијата, финансиите, енергијата, технологијата, индустријата, транспортот, како и за луксузните и стоките за двојна намена.

Санкциите, исто така, опфаќаат и забрана за увоз или трансфер на нафта и одредени нафтени деривати од Русија, исклучување на неколку руски банки од СВИФТ системот и суспензија на радиодифузните активности и на лиценците за работа на неколку медиуми поддржани од Кремљ.

Покрај ова, со пакетот се предвидени и ограничувања на економските односи со „незаконски анектираните Крим и градот Севастопол“, како и со областите во Украина „што не се контролирани од владата во Киев во областите Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје“, а се воведени и индивидуални рестриктивни мерки, кои опфаќаат замрзнување на средства и ограничувања на патувања, за поголем број поединци и субјекти.

Дополнително, пакетот опфаќа и специфични мерки насочени кон спречување на обидите за заобиколувањето на санкциите.

Од февруари 2022 година, па досега пакетот санкции беше прошируван во 17 наврати.

– Доколку незаконските активности на Руската Федерација продолжат да ги кршат основните правила на меѓународното право, а особено забраната за употреба на сила, сосема е соодветно сите мерки воведени од ЕУ да останат во сила и доколку е потребно да се преземат и дополнителни, се додава во соопштението на Советот на ЕУ.

Пронајдете не на следниве мрежи: