ЕКСКЛУЗИВНО: СО ЕДЕН ВРАБОТЕН ЛИ-ОИЛ ДБ ЗАРАБОТИЛА 280.000 ЕВРА. КОЛКАВ Е ЌАРОТ НА ТРГОВЦИТЕ ВО СЛУЧАЈОТ “МАЗУТ”?

“Се возиме со канцер” е само еден од низата коментари кои професорите од Машински факултет пред многу години ги дадоа за неквалитетниот мазут кој се користи кај нас. Со години тие повикуваа да се воведе независна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтата. Опрема се набави, ама никој не сака да ја користи. Во меѓувреме “гласните” професори заминаа во пензија, други не се појавија и проблемот остана ист.

Периодов медиумите повторно го интензивираа проблемот, но повторно нема целосна завршница, ниту институционална, ниту судска, освен изречени парични казни. Моменталната ситуација е ваква- за четири компании се поведе постапка за одземање на лиценца од страна на Регулаторната комисија за енергетика, но за таа постапка се уште нема ни позитивен ни негативен одговор. За две компании има предлог од Државниот пазарен инспекторат до Државниот инспекторат за животна средина за одземање лиценца, но и тука се уште ништо не е одлучено. За 7 компании (меѓу нив има и од оние за кои се води постапка за одземање на лиценцата) има вкупна казна од 55.000 евра.

Додека чекаме целосно решение на проблемот со неквалитетниот мазут, порталот Pari.com.mk, во соработка со БизнисМрежа.мк анализираше какви се приходите на компаниите во кои се впери прстот во однос на трговијата со мазут.

Она што особено остава впечаток дека некои од овие фирми добро заработуваат, а дејствуваат како човек фирма, односно имаат само еден вработен. Но еве што поточно се случуваше изминатиот период:

Регулаторната комисија за енергетика на 9 јуни информираше дека е поведена постапка за одземање на лиценците на трговците на големо РКМ ДООЕЛ Скопје, Супертрејд ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, Пертинакс ДООЕЛ Скопје и Ли Оил ДБ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци. Финансиските извештаи зборуваат дека овие компании добро заработувале во 2020 година, поточна четирите заедно направиле профит од 2,6 милиони евра.

Најголем приход и најголема нето-добивка остварила компанијата „Супертрејд“. Но, треба да се земе во предвид дека оваа не е само приход од трговија со мазут, затоа што ова компанија увезува и врши трговија со сите видови на деривати, а има и бензинска пумпа. „Супертрејд“ лани остварил нето – добивка од 1,49 милиони евра, а вкупните приходи му биле 85,86 милиони евра. Притоа, нето-добивката на оваа компанија била за 19,5 проценти поголема од онаа во 2019 година и тоа во услови на падот на приходите за 8,6 проценти и пад на расходите за 9,05 проценти. Компанијата неколкупати се огласи и во јавноста тврдејќи дека квалитетот на мазутот е според пропишаните стандарди. Според остварените приходи оваа компанија е трета по големина на пазарот пред неа се само Макпетрол и Окта.

Пертинакс ДООЕЛ Скопје во 2020 година имал речиси иста нето-добивка како и во 2019 година. Неговата ланска нето-добивка била 815.850 евра и е втора добивка по големина од оваа „четворка’. Интересно е што и покрај речиси идентичната добивка,  приходите и расходите во 2020-та во однос на 2019-та година се намалиле за повеќе од 40 проценти.

 

обивката на ЛИ-ОИЛ ДБ ДООЕЛ Кавадарци за минатата година била 280.652 евра и е за 168,5 проценти поголема во однос на онаа од 2019 година, иако приходите се намалиле само за 14,9 проценти, а расходите за 18,7 проценти. Куриозитет на оваа компанија е и што е само со еден вработен.

На последно место по нето-зарботката меѓу компаниите на кои им се заканува одземање на лиценца од страна Регулаторната комисија за енергетика е РКМ ДООЕЛ Скопје. Ова компанија лани остварила нето-добивка од 33.840 евра, додека во 2019 година била во загуба од 88.450 евра.

 Компании за кои Регулаторната комисија покрена постапка за одземање лиценца

Регулаторната комисија на 9 јуни информираше дека постапката за одземање лиценци за овие 4 компании е поради немање на оперативни резерви на мазут, како што е пропишано и за што се обврзани при добивањето лиценци.

„Отпочнувањето на постапката е во согласност со Правилникот на РКЕ за лиценци, во кој се предвидуваат неколку фази: РКЕ ги известува компаниите за постоење на причини за отпочнување на постапка за одземање на лиценци, по што во рок од 7 дена трговците на големо ќе мора да се произнесат за посочените причини поради кои е настанатото прекршување на одредбите од член 146 од Законот за енергетика и одредбите од Правилникот за ниво и начинот на пресметка на оперативните резерви. Потоа РКЕ врз основа на добиените наводи во одговорот од трговците компании на големо на седница ќе донесе соодветни одлуки за идно постапување“, информираше Регулаторната комисија за енергетика.

Истиот ден, министерот за економија Крешник Бектеши информираше компанијата „Блу Технолоџи“ продава „мазут ППД“, којшто како производ не е деклариран во Правилникот за квалитет на течни горива и дека за ова компанија има решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ. Исто така, тој информираше и дека кај „САНС АГ Штип“, утврдено е производство на мазут од отпадни гуми.

-ДПИ, за овие две компании достави допис до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива – кажа Бектеши.

Според податоците од БизнисМрежа.мк „Санс АГ“ лани остварил добивка од нешто повеќе од 4.000 евра и компанијата има тројца вработени.

Според достапните документи од Министерството за животна средина донесено е решение за пренос на Интергираната А еколошка дозвола од ДПТУ „Блу енерџи“ ДОО Тетово на  ДППУ „Блу технолоџи“ ДООЕЛ Тетово. Во базата на Бизнис мрежа стои податокот дека „Блу енерџи“ е и УЈП должник, а истата ја пишува и на последната листа на УЈП на должници.

Во однос на компаниите кои беа парично казнети, интересно  е што  една од  компаниите “Ка-оил Енерџи“ – Кавадарци вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторна комисија за енергетика. Ова компанија лани имала нето-добивка од 84.000 евра, што е 27,9  проценти повеќе од профитот во 2019 година. Сопственик на оваа кавадаречка компанија е Бојан Каров. Интересно е што на кавадаречки Ли-ОИЛ ДБ сопственичка е Лилјана Карова. И во двете компании има по еден вработен, а прават одлична заработка.

Извор: Пари.мк

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.