Нема одлука ЕУ да испрати војници во Украина со каква било задача, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Европската комисија како одговор на прашања поврзани со информациите во европските медиуми за можното испраќање европски мировници.
Портпаролот истакна дека ЕУ спроведува мировна мисија за обука на украински војници на европска територија, чиј мандат неодамна беше продолжен.
Според него, ЕУ го поддржува секој напор што би довел до праведен мир и кој го зема предвид фактот дека Украина е нападната земја. Меѓутоа, додаде портпаролот, таквиот договор треба да биде во согласност со меѓународното право.
Околу коментарот на новоизбраниот американски потпретседател, Џеј Ди Венс, во кој е направена врска помеѓу слободата на говорот и европските правила во оваа област, работата на онлајн платформите и активностите на НАТО, портпаролот посочи дека ЕУ е дом на слободата на говорот, како што покажуваат меѓународните студии.
-Слободниот говор е во срцето на европското законодавство за интернет платформите, објасни тој. „Ништо не ги обврзува платформите да ја отстранат легалната содржина. Која содржина е легална зависи од европските, меѓународните и локалните закони“, додаде портпаролот.
Тој објасни дека правилата на ЕУ бараат кога содржината е отстранета, корисниците да можат да ја оспорат одлуката.
-Од платформите се очекува да го следат ширењето на содржини што се штетни без нужно да бидат нелегални, како што е дезинформацијата, рече тој.
Венс во телевизиско интервју рече дека доколку НАТО сака да продолжи поддршката на САД за Алијансата, тогаш американските правила и слободата на говор мора да се почитуваат.
-Алијансата треба да ја заштити слободата на изразување, земјите во Европа да ги споделуваат американските вредности, додаде тој, осврнувајќи се на отворениот скандал на почетокот на годинава меѓу сопственикот на социјалната мрежа „Х“ Илон Маск и тогашниот еврокомесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон. Еврокомесарот го предупреди Маск дека може да се воведат сериозни ограничувања против „Х“ во ЕУ доколку се продолжи недостигот на доволен надзор врз содржините што се дистрибуираат на интернет.