Првата турска нуклеарна централа Акују официјално доби статус на нуклеарна постројка со испорака на првото нуклеарно гориво до локацијата на централата, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Со испораката на нуклеарни горива по воздушен и морски пат до нашата електрана, Акују сега се стекна со статус на нуклеарна централа“, рече Ердоган за време на неговото обраќање преку видео-конференција, на официјалната церемонија за испорака на нуклеарното гориво.
„Иако по 60-годишно задоцнување, Турција се издигна во лигата на земји со нуклеарна енергија во светот“, рече Ердоган, пренесе ТРТ Балкан.
Меѓувладин договор за постројката во јужната област Мерсин беше потпишан меѓу Турција и Русија во мај 2010 година. Церемонијата на отворањето на централата беше одржана на 3 април 2018 година, по што започна изградбата на првиот блок.
„Како и многу важни проекти, Акују беше спроведен со модел на финансирање што не го оптоварува нашиот национален буџет. Аккују е нашата најголема заедничка инвестиција со Русија“, рече Ердоган.
Тој додаде дека проектот, кој ќе придонесе за намалување на увозот на природен гас во Турција за 1,5 милијарди долари годишно, исто така позитивно ќе влијае на зголемувањето на националниот доход.
Постројката, која се очекува да има инсталирана моќност од 4.800 мегавати и четири реактори, треба да започне со производство на енергија подоцна оваа година.
На церемонијата преку видео врска се обрати и рускиот претседател Владимир Путин. Тој рече дека со соработката за изградба на овој објект дополнително се зајакнати руско-турските односи.
„Електраната Акују, еден од најголемите заеднички проекти во турско-руската историја, ќе придонесе за добрососедските односи меѓу нашите земји“, рече Путин.
Тој нагласи дека овој успех немаше да биде возможен без раководството на претседателот Ердоган.
„Турција влегува меѓу земјите со нуклеарна енергија, еден од најповолните извори на светот“, истакна Путин, додавајќи дека „системот во нуклеарната централа Акују, НГС, е еден од најмодерните и најдоверливите во светот“.
За време на церемонијата, турскиот претседател Ердоган, во светло на искуството со изградбата на централата Акују, најави почеток на работата на втората и третата нуклеарна централа во Турција.
Пронајдете не на следниве мрежи: