Ердоган: Ќе ја уништиме 40-годишната игра на империјалистите и нивните марионети

Турција ќе ја уништи 40-годишната игра на империјалистите и нивните марионети, кои се обидуваат да ја насочат политичката и економската карта на земјата преку терористичките организации, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на комеморативната средба по повод 86-годишнината од смртта на основачот на модерната турска држава Кемал Ататурк.

„Според зборовите на Гази Мустафа Кемал (Ататурк), врховниот командант на Војната за независност, „заедничката цел на сите нас е да ја издигнеме нашата земја над нивото на модерната цивилизација“. Секој збор, секој став, секоја акција насочена кон кршење на единството и солидарноста на овој народ, без разлика на целта, е директно предавство на довербата на Гази Мустафа Кемал“, нагласи Ердоган.

Тој истакна дека многу добро знаат кои мотиви стојат зад морбидните ставови на широк спектар на фронтови, пренесува агенцијата Анадолија.

„Со операциите и безбедните зони што ги формиравме значително го спречивме обидот за окупација на нашата земја од нејзините јужни граници“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека во наредниот период ќе ги заокружи алките што недостасуваат на безбедната зона долж границите на државата.

„Ќе ја уништиме 40-годишната игра на империјалистите и нивните марионети кои ја насочуваат политичката и економската карта на нашата земја преку терористичките организации“, додаде Ердоган.

Во Турција и во турските амбасади ширум светот со пригодни програми беше одбележана 86-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на современата турска држава.

Во Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк (Аниткабир) во Анкара се одржа државна церемонија. Во 9:05 часот по локално време низ целата земја се огласија сирените за да го одбележат моментот на неговата смрт.

Како што пренесуваат турските медиуми, низ земјата луѓето застанувале на улиците или молчејќи стоеле на своите работни места во чест на Ататурк.

Пронајдете не на следниве мрежи: