Есенски бран на ковид-19, од понеделник патување без ПЦР-тест

Нашата и уште четири земји од регионот со заедничка иницијатива во координација на министерствата за здравство одлучија од понеделник да дозволат влез без приложување негативен ПЦР-тест на граничните премини. Владата вчера на седница донесе одлука од 12 октомври да им се овозможи непречен влез на државјаните од Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а реципрочно е договорено и македонските граѓани да патуваат во овие земји без да покажат медицинска потврда. Обврска за ПЦР-тест досега немаа само за влез во Албанија и Турција.
Одлуката е донесена по предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести и заради неопходните потреби на граѓаните, но со апел од Владата патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби и со целосно и доследно применување на сите мерки за лична заштита од ковид-19.
Проценето е дека до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странство, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје. Но бројот на новозаразени во земјава и натаму е висок. Вчера беа дијагностицирани нови 225 со кои вкупно 19 096 лица се инфицирале во седум и пол месеци епидемија во земјава. Оздравеле 15 645, а активни на болеста се 2683. Во вчерашниот здравствен билтен за поминатите 24 часа беа регистрирани и осуммина починати (од 64 до 82 години), и со нив досега 768 луѓе ја загубиле битката со опасниот вирус.


Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека со повторно високиот број на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран.
– Иако многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки, напиша Филипче на Фејсбук со апел да се почитуваат мерките за заштита и додавајќи дека рестрикции и мерки ќе се носат секогаш кога ќе се процени дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје.
Министерството за здравство вчера соопшти дека вирусот е потврден и кај доктор, медицинска сестра и медицински техничар на Клиниката за нефрологија во Скопје. Први случаи на коронавирусот меѓу вработени се регистрирани и во штипските градинки „Астибо” и „Вера Циривири-Трена”. Станува збор за воспитувачка во едната и негувателка во другата градинка. Нивните колеги и групите со деца се изолирани.
По препораката на Комисијата за заразни болести, Владата вчера го одобри и алгоритмот за постапување во училиштата доколку се појави ученик со симптоми, сомнителен/позитивен на ковид-19. За спроведување на постапките од алгоритмот потребно е во секое училиште да се определи одговорно лице за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.