Лидерите на Европската унија на самитот во четвртокот во Брисел се согласија драстично да ги зголемат трошоците за одбрана и да планираат блокот да инвестира 800 милијарди евра во одбраната до 2030 година.
Бројката вклучува 150 милијарди заеми за проекти за вооружување и ослободување на задолжувањето на одбраната од лимитите за задолжување на ЕУ, велат извори од неколку европски делегации, пишува ДПА.
Дел од парите се наменети за поддршка на Украина во војната против Русија.
Огромниот инвестициски договор ја одразува длабоката загриженост на европските лидери за потенцијален конфликт со Русија, во време кога Доналд Трамп ја доведува во прашање солидарноста на САД со сојузниците.
Европската комисија претходно предупреди дека историјата нема да и прости на ЕУ ако не дејствува сега, бидејќи ако Русија успее во Украина, може да продолжи со натамошни територијални аспирации.
Сепак, Унгарија предупреди дека повторно ќе ја блокира секоја одлука на ЕУ во која експлицитно се споменува поддршката за Украина, па затоа самитот, како и на 6 март, не донесе заедничка изјава.
Владата на Виктор Орбан ја оправда оваа позиција со усогласување со политиката на Трамп. Американскиот претседател врши притисок врз Украина да прифати прекин на огнот со Русија, дури и под неповолни услови.