Европската Унија го осуди вчерашниот ракетен напад врз припадниците на Мисијата на ОН во Либан (УНИФИЛ), најверојатно извршен од движењето Хезболах или милитантна група поврзана со него, при кој беа ранети осуммина австриски мировници.
– Нападите врз мировниците на ОН претставуваат кршење на меѓународното право и се целосно неприфатливи, се наведува во писмената изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел упатена во името на Европската Унија.
Во изјавата се додава дека ЕУ го повторува својот повик до сите страни целосно да ги почитуваат обврските за гарантирање на сигурноста и безбедноста на персоналот на ОН во секое време.
– ЕУ ја реафирмира својата непоколеблива поддршка на улогата на УНИФИЛ, додава Борел во изјавата.