ЕУ: Помалку пари за Унгарија на Орбан

Во Европскиот парламент во Стразбур, многу пратеници со нетрпение очекуваа жестоки разговори со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Шефот на владата на Унгарија е и претседавач со Советот на Европската унија во втората половина на 2024 година. Но, Орбан, кој постојано ги критикува бирократите и парламентарците на ЕУ, го откажа настапот во пленарната сала на Европскиот парламент. Поради поплавите во Унгарија, тој мора да престојува во Будимпешта, рече претседателот на Советот. „Штета, имавме подготвено неколку протести и изненадувања во пленарната сала“, изјави за ДВ пратеник кој сакаше да остане неименуван.

Лош биланс

Дискусијата со претседателството на Советот, во Парламентот е всушност вообичаена на почетокот на мандатот. Поради европските избори, формирањето на новиот Европски парламент и избирањето нов состав на ЕК, средбата со Виктор Орбан беше се повеќе одложувана. Сега се веќе навршени три месеци од претседателството со Советот и фактички е полувреме за Унгарија. Што постигна досега унгарската влада на чело на ЕУ?

Не е постигнат значителен напредок во законодавството или важните преговори меѓу институциите на ЕУ, таканаречените трилогии, оценува Даниел Фројнд, европратеник од редовите на Зелените и експерт за Унгарија. Парламентарците и многу влади во ЕУ го критикуваа фактот дека Виктор Орбан презеде самопрогласена мировна мисија во јули за војната во Украина, без да има за тоа мандат во својство на претседател на Советот.

Повеќе штета отколку корист?

„Пред сè, тоа (претседателството на Советот, заб. на ред.) предизвика штета. Договорите на ЕУ не предвидуваат ова ротирачко претседателство на Советот да врши надворешна политика. Орбан сепак ја злоупотреби улогата за да лета во  Москва, во Пекинг, кај Трамп. Секако постои опасност дека тоа не е се“, вели Фројнд за ДВ во Стразбур.

Тој истакнува дека Виктор Орбан би можел да му се фрли на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп во прегратка, доколку излезе како победник од претседателските избори во САД на 5-ти ноември.

Тамаш Дојч, европратеник од унгарската владејачка партија Фидес, го промовираше ставот на неговата влада на пленарната седница во вторникот.

„Треба да признаеме дека стратегијата на западните лидери и европските бирократи не успеа. Мора да ја запреме војната“, рече Дојч.

Неопходна е комуникација со сите страни во конфликтот, порача тој. Огромното мнозинство во парламентот и владите на ЕУ гледаат поинаку на ова прапшање.

ЕУ извршува наплата за Судот на правдата

Виктор Орбан не е само во однос на надворешната политика контра од ЕУ. Унгарија опстојува насвојата незаконска процедура за азил и покрај пресудата на Европскиот суд на правдата. Судот во јуни одреди казна од 200 милиони евра и дополнителна дневна казна од еден милион евра против Унгарија. Виктор Орбан не сака да плати. Затоа еврокомесарот за буџет Јоханес Хан сега се подготвува да ги наплати парите така што соодветно ќе ги намали исплатите од буџетот на ЕУ за Унгарија. Одлуката беше донесена неделава.

„Ќе дојдеме до парите, но се разбира тоа на крајот тоа е значителен. Вакво претседателство со ЕУ немало до сега“, оценува Фројнд.

Унгарија не го почитува ниту владеењето на правото, ниту основните права на ЕУ. Затоа против Будимпешта се води постапка според член 7 од Договорите на ЕУ. 20 милијарди евра пари за помош од касата на ЕУ кои би и следувале на Унгарија, ЕК не ги исплатува бидејќи претседателот на Советот не прави доволно против корупцијата и во земјата веќе нема независно судство.

Орбан постојано провоцира

Веќе се подготвува следната пресметка. Шефот на кабинетот на Виктор Орбан, Гергели Гуљаш, најави дека Унгарија може да ја тужи ЕУ да и врати две милијарди евра што земјата ги потрошила за обезбедување на надворешната граница на ЕУ. Унгарија изгради бодликава ограда на границата со Србија за да ги спречи мигрантите да доаѓаат за азил. Гуљас, исто така, се закани дека неговата влада ќе натовари мигранти од унгарската граница во автобуси и ќе ги истовари во Брисел. „Ако сакате мигранти, можете да си ги земете“, рече унгарскиот владин претставник минатата недела.

Комисијата на ЕУ и белгиската влада категорично ја отфрлија заканата, која ја означија како грубо кршење на правото на ЕУ. „Ќе ги добиеме нашите пари, порано или подоцна“, рече на темата претседателот на Советот на ЕУ, Виктор Орбан во едно интервју. Претседател на Советот треба всушност да посредува и да изнаоѓа компромиси, но такво нешто сега не може да се насети.

Да ѝ се ​​одземе претседателството на Унгарија?

„Зошто земја која толку суштински ги крши нашите фундаментални вредности воопшто е на таква позиција“, се прашува европратеникот Даниел Фројнд во интервју за ДВ? Минатата година Парламентот предложи на Унгарија да и се одземе претседавањето со Советот. Сепак, останатите 26 земји-членки на ЕУ не сакаа да поддржат таков чекор. „Ако владите не се подготвени да преземат нешто против, тогаш Орбан во основа добива мандатот да продолжи или да прави уште полуди нешта во иднина“, заклучува Фројнд. По денешното одлагање, настапот на унгарскиот премиер пред Европскиот парламент во Стразбур би можел да се случи во октомври или ноември. ЕК и повеќето земји-членки се вежбаат во тивок штрајк против претседателот на Советот. Еврокомесари и министри не одат на состаноците што се одржуваат во Унгарија. Ова никогаш порано не се случувало.

Листата на конфликти меѓу Унгарија и остатокот од ЕУ може да се реди понатаму. Европскиот парламент расправаше и за намерата на Будимпешта полесно од претходно да им издава работни визи на руски и белоруски државјани. Многу пратеници стравуваат дека на тој начин потенцијално може да се инфилтрираат повеќе руски шпиони или саботери во ЕУ.

Извор: Дојче веле/ Автор: Бернд Ригерт

Пронајдете не на следниве мрежи: