ЕУ постигна договор за Украина, тој важи за следните две години: Пристигна првата реакција на Зеленски

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес изјави дека Европската унија одлучила да ѝ обезбеди на Украина финансиска поддршка од 90 милијарди евра за периодот 2026-2027 година .

Кошта на социјалната мрежа X изјави дека одлуката за пакетот помош е одобрена и дека лидерите на ЕУ се обврзале да ја спроведат.

„Имаме договор. Одлуката за обезбедување поддршка од 90 милијарди евра за Украина за 2026-27 година е одобрена. Презедовме обврски – и ги исполнивме“, напиша Кошта.

Како што објави „Суспилне“, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека одлуката е донесена „едногласно“ и дека е одобрен финансискиот пакет за Украина, со обезбедување бескаматен заем во износ од 90 милијарди евра.

Според него, средствата ќе бидат доволни за покривање на воените и буџетските потреби на Украина во следните две години.

Мерц изјави дека оваа одлука претставува одлучувачки сигнал за крај на војната, оценувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе се согласи на отстапки само кога ќе сфати дека војната нема да и користи на Русија.

Според него, замрзнатите руски средства ќе останат блокирани сè додека Русија не ѝ плати репарации на Украина.

Како што изјави тој, Украина ќе го врати заемот дури откако ќе бидат платени репарациите, а во случај тоа да не се случи, ЕУ, во согласност со меѓународното право, ќе ги користи замрзнатите руски средства за да го отплати заемот.

Тој додаде дека ЕУ може веднаш да обезбеди поддршка за Украина користејќи ги постојните европски инструменти.

Земјите беа принудени да се согласат за итен резервен план врз основа на заедничкиот долг на ЕУ, за кој белгискиот премиер Барт де Вевер се залагаше со недели и кој се сметаше за малку веројатен сè до неколку часа пред постигнувањето на договорот.

„Суштината е, по денешниот ден, дека нашата поддршка за Украина е загарантирана“, изјави данската премиерка Мете Фредериксен по завршувањето на самитот во три часот наутро, пишува бриселскиот „Политико“.

Вчера во Брисел започна самитот на Европската Унија, каде едно од главните прашања беше користењето на замрзнатите руски средства во корист на Украина.

Првата реакција на Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на лидерите на Европската унија за одлуката да обезбедат 90 милијарди евра финансиска помош за Украина.

Во објава на социјалните мрежи, Зеленски рече дека ова е важна одлука што директно ја зајакнува отпорноста на Украина во воени услови.

„Им сум благодарен на сите лидери на Европската Унија за одлуката на Европскиот совет за 90 милијарди евра финансиска поддршка за Украина во 2026 и 2027 година. Ова е значајна помош што навистина ја зајакнува нашата отпорност“, рече Зеленски.

Тој, исто така, ја нагласи важноста на фактот дека рускиот државен имот останува замрзнат и дека Украина доби финансиска гаранција за наредните години.

„Важно е руските средства да останат замрзнати и Украина да добие финансиска гаранција за наредните години. Ви благодарам за овој резултат и за единството“, рече тој.

На крајот, тој рече дека поддршката за Украина има пошироко значење за цела Европа.

„Заедно ја браниме иднината на нашиот континент“, заклучи Зеленски.
The post ЕУ постигна договор за Украина, тој важи за следните две години: Пристигна првата реакција на Зеленски appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: