ЕУ ќе воведува санкции за израелските доселеници, Хамас и за одговорните за смртта на Навални

Санкциите вклучуваат забрани за патување и замрзнување на имотот во ЕУ и ќе стапат во сила во наредните денови кога ќе бидат објавени во Службениот весник на ЕУ

ФОТО: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Министерите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ постигнале политички договор за воведување санкции против екстремистичките израелски доселеници на окупираниот Западен Брег , како и за членовите на движењето Хамас.

„Постигнат е цврст компромис на работно ниво и се надевам дека ќе продолжиме да работиме се додека санкциите против насилните имигранти не бидат дефинитивно усвоени, но имаме политички договор“,

изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Санкциите вклучуваат забрани за патување и замрзнување на имотот во ЕУ и ќе стапат во сила во наредните денови кога ќе бидат објавени во Службениот весник на ЕУ, регистар на закони на ЕУ. 

Министрите, како што рече Борел, се договориле и за санкции за поединци и организации одговорни за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

„Се договоривме за санкции за одговорните за убиството на Алексеј Навални, за 30 физички и правни лица“,

рече Борел.

На состанокот се разговарало и за користењето на профитот од замрзнатите руски средства за помош на Украина.

„Мислам дека има силна поддршка тие приходи да се искористат за поддршка на Украина, иако има земји кои сакаат да разјаснат уште некои детали“,

рече Борел, додавајќи дека сега е потребен конкретен предлог за да се разговара и да се одлучи за него.

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Франо Матошиќ изјави дека постои високо ниво на согласност во однос на усвојувањето на 14-тиот пакет санкции против Русија.

Пронајдете не на следниве мрежи: