Историчарот, проф. д-р Никола Жежов, кој беше потписник и на Македонскиот манифест за итен прекин на преговорите од Грција, смета дека договорот склучен помеѓу владите на Република Македонија и Република Грција содржи делови кои целосно го поткопуваат македонскиот национален идентитет. Иако смета дека „доцна е по свадба тапани“, но и дека за овие години постојано го повторувал ставот, побаравме Жежов да го коментира овој договор, и неговиот пишан став го пренесуваме во целост:
Договорот склучен помеѓу владите на Република Македонија и Република Грција содржи делови кои целосно го поткопуваат македонскиот национален идентитет, ја негираат македонската државност и ги рушат темелите на државноста засновани на одлуките и решенијата од Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година кога е создадена македонска држава.Договорот врши целосна ревизија на елементите на државноста на Република Македонија врз основа на редефинирање и фалсификување на македонската историја која се обидува вештачки да ја подели и со тоа да отуѓи еден нејзин дел, прогласувајќи го за дел на грчката историја. Овој документ го негира основното право на македонскиот народ за самоидентификација и правото за слободно изразување на македонската национална свест.
Новото понудено име во договорот и промената на нашето уставно име- Република Македонија значи обид за вештачка промена на македонскиот идентитет со сите негови идентитетски обележја: македонскиот јазик, македонската култура и македонската историја. Членот 7 од Договорот дозволува откажување на Република Македонија од античкиот дел на македонската историја, нешто што се немаше случено и во поранешна СФРЈ каде во наставните програми на учениците, дури и во основното образование се изучуваа деловите на историјата од периодот на Античка Македонија. Деловите од членот 8 во кој се дозволува да се преиспитуваат споменичните обележја во Република Македонија и грчката страна да оценува дали се дел од грчката античка историја, претставува грубо мешање во внатрешните работи на нашата држава и отуѓување на македонското културно и историско наследство. Врз основа на Договорот, Република Македонија се откажува од грижата врз македонското национално малцинство во соседните држави со што се прави огромен преседан, затоа што нашата држава е ретка, ако не и единствена држава која самата признава дека во соседните држави нема нејзино национално малцинство.
Договорот озаконува откажување на Република Македонија од историјата на македонскиот народ кој живее надвор од нејзините граници и тој дел од македонската историја го прогласува за историја на другите балкански народи. Со тоа се врши тежок удар врз македонскиот национален идентитет кој силно ќе го почувствуваат новите генерации во Република Македонија. Во суштина договорот ја поништува целата македонска историја и промовира нова држава, нова нација, со ново име, со што само ги поткрепува тезите за наводното вештачко настанување на македонската нација, тези кои ги промовираат, тие што не и мислат добро на Република Македонија. Договорот во ваква форма, не само што нема да ги реши децениските проблеми помеѓу Република Македонија и Република Грција, туку ќе создаде нови и уште покомплексни прашања и дилеми што ќе ја продлабочат недовербата помеѓу македонскиот и грчкиот народ и во наредните години.“