Вицепремиерот Битиќи и министерот Бочварски рекоа дека либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава. Либерализацијата, според нив, е единствен начин за да се зголеми конкуренцијата на железничкиот транспорт и да се овозможи нашите компании да имаат побрз, ефикасен транспорт и конкурентен производ на европските и светски пазари
Инвестиции во изградба на источниот железнички дел од Коридорот 8, ремонт на железничкиот дел од коридорот 10, придобивки од либерализацијата што стартуваше во товарниот сообраќај со гаранција дека работните места нема да бидат загрозени, приклучување кон регионалниот проект за брза пруга, се дел од ветувањата што денеска ги дадоа дел од раководствот на ЈП „Железници- инфраструктура“ и членови на Владата на свеченост по повод 151 година од основањето на „Македонски железници“.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека со либерализацијата е отворено ново поглавје во железницата и оти се создадени нови можности, а на вработените им порача дека не треба да бидат загрижени за нивните работни места.
Според него, либерализацијата ќе значи и повеќе пари за модернизација на пругите, за проширување на железничката мрежа, односно зголемување на ефикасноста и ефективноста на железничкиот сообраќај во земјава.
Со ветување дека железницата ќе стане европска и модерна, Битиќи рече оти на либерализацијата не треба да се гледа со страв, туку да се прифати како можност за да се искористи нашата стратешка локација.
„Со развојот што го нуди либерализација на железничкиот сообраќај, ќе поставиме нови основи за поддршка и стимулирање на економската активност, правејќи ја нашата земја уште попривлечен избор за бизнисите во Европската унија, кои барат сигурни, блиски и ефикасни решенија за приближување на своите добавувачки ланци. Концептот на near-shoring станува клучен за развојот на нашата економија, а железницата е таа која има стратешка и клучна улога Северна Македонија да ја позиционира во срцето на европските синџири“,
рече Битиќи.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски порача дека доизградбата на Коридор 8 како дел од регионалната транспортна мрежа е предуслов за одржлив економски раст и развој на целокупниот регион.
Бочварски додаде дека сериозен предизвик е изградбата на третата делница од овој коридор, односно делот од Крива Паланка до граничниот премин „Деве Баир“, за кој, како што рече, е најсложен. За изградбата на оваа делница, Бочварски вели дека веќе е објавена и тендерската постапка.
Тој нагласи дека првата делница од Куманово до Бељаковце се очекува да биде завршена оваа година и таму, ако што рече, има преку 50 отсто прогрес на работите, а на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка има напредог од над 20 проценти и според Бочварски исто така се работи со потребната динамика.
Бочварски рече и дека има многу прашања околку либерализацијата што стартуваше на почетокот на годинава во делот на товарниот сообраќај и порача дека тоа е единствен начин за да се зголеми конкуренцијата на железничкиот транспорт и да се овозможи нашите компании да имаат побрз, ефикасен транспорт и конкурентен производ на европските и светски пазари.
Министерот го спомена и Меморандумот за разбирање што го потпишавме со Србија за наше приклучување кон проектот за брза пруга која ќе ги поврзе Белград и Скопје со модерна пруга со брзи перформанси во прва фаза, а потоа во втора фаза поврзување со Солун до солунското пристаниште.
Според директорот на ЈП „Железници-инфраструктура“ Зоран Трифуновски, железницата останува главен двигател за транспорт и развој, поради што фокусот е на инвестициите, за изградба на источниот крак на Коридор 8, каде се градат првите две делници, а за третата како што рече, во најскоро време ќе се избере изведувач.
„Поврзувањето со Бугарија го планираме со зачленување во ЕУ до 2030 година. Овој проект има огромно регионално значење и треба да донесе зголемен економски раст и размена на стока во земјите од Западен Балкан и пошироко“,
рече Трифуновски, истакнувајќи дека се подготвува документација за изградба на западниот железнички дел на коридор 8, како и проектна документација за ремонт на Коридор 10.