Жена патник на лет од Париз до Денвер добила глоба од 500 долари поради јаболкото што го имала со себе. За да биде целата ситуација уште побизарна, таа јаболкото го добила во авионот како ужина за време на летот.
Кристал Тадлок вели дека добиеното јаболко го чувала за дополнителниот лет од Минеаполис до Денвер. Меѓутоа, кога слетала во Минеаполис, граничната полиција го пребарала нејиниот багаж во случаен претрес на патници. Во него тие го пронашле непријавеното јаболко во пластична кеса на „Делта ерлајнс“, компанијата со која Тадлок летала.
Американската царинска и гранична патролa соопштила дека нема да коментираат за овој бизарен случај, но истакнала дека сите земјоделски производи мора да бидат пријавени, објави Би-би-си.
Кога полицијата го пронашла јаболкото, жената објаснила дека само што го добила и прашала дали треба да го фрли или да го изеде. Наместо да ѝ одговорат, полициските службеници ѝ доделиле глоба од 500 долари. Тадлок сега вели дека има избор да ја плати казната или да ја оспори на суд. Таа за локалните медиуми изјавила дека сака да оди на суд.
„Навистина е банално некој да мора да минува низ ова и да се третира како криминалец поради парче овошје“, рекла таа.
Компанијата „Делта ерлајнс“ објави соопштение во кое се вели дека ги охрабрува своите клиенти да ги следат американските царински и гранични безбедносни протоколи.