Жените кои пијат и пушат цигари за време на бременоста се стигматизирани, па тоа го прават во тајност

Стигмата околу пушењето цигари и пиењето алкохол за време на бременоста ги наведува трудниците да го прават тоа во тајност, вели истражувањето спроведено на универзитетот во Кардиф.
Научниците откриле дека негативните реакции на пушењето цигари и консумирањето на алкохол ги сметаат за иритантни и поради нив се отуѓуваат.
Според неодамна собраните податоци, повеќе од една петтина од жените во Велс пушеле цигари во периодот кога дознале дека се бремени. Исто така, жените пушачи кои биле вклучени во ова истражување откриле дека имале непријатни искуства со други жени кои ги осудувале, а некои од нив откриле дека биле критикувани и од страна на своите партнери.


“Моралните осуди насочени кон идните мајки воглавно се однесуваат на нивното здравје, а на удар на критики особено се нашле мајките кои припаѓаат на работничката класа”, вели д-р Ејми Грант од центарот за истражување на универзитетот.
“Никој не сака да биде осудуван”, додала Грант.
Жените инаку строго се советуваат да не пушат цигари за време на бременоста бидејќи хемикалиите во цигарите му штетат на нероденото дете и го ограничуваат неговиот довод на кислород. Докторите препорачуваат жените кои се бремени или планираат да забременат да не консумираат алкохол за да се сведе ризикот за здравјето на бебето на минимум.
Кралскиот колеџ на опстетичари и гинеколози истакнува дека не постои безбедна количина на алкохол која е дозволена да се консумира во бременоста.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.