Завршија преговорите меѓу САД и Русија во Ријад, заедничко соопштение ќе биде објавено денес

Ројтерс, повикувајќи се на руски извор, пишува дека разговорите завршиле доцна вечерва и дека нацрт-заедничката изјава е испратена до Москва и Вашингтон на одобрување и страните да ја објават во вторник
По дванаесет часа преговори вечерва во Ријад заврши средбата на американската и руската делегација посветена на изнаоѓање решение за ставање крај на војната во Украина и отворање на патот за пошироки мировни преговори, пренесуваат дел од светските медиуми

Сепак, нема информации за тоа дали е постигнат договор или е постигнат напредок.

Ројтерс, повикувајќи се на руски извор, пишува дека разговорите завршиле доцна вечерва и оти нацрт-заедничката изјава е испратена до Москва и Вашингтон на одобрување за страните да ја објават во вторник.

Пред почетокот на средбата беше кажано дека главна тема ќе биде воспоставување на прекин на огнот во Црното Море, што е договорено при последниот телефонски разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп.

Американскиот тим наводно е предводен од Ендрју Пик, висок директор во Советот за национална безбедност на Белата куќа и Мајкл Антон, висок функционер во Стејт департментот.

Како што јавија руските државни медиуми, рускиот тим го сочинуваат Григориј Карасин, претседател на Комитетот за надворешни работи на руската Дума и Сергеј Беседа, советник на директорот на Федералната служба за безбедност.

Претседателот на меѓународниот комитет на Советот на Федерацијата, Григориј Карасин, претходно денеска изјави дека „состанокот поминува во креативна атмосфера“ и дека „страните воделе интересна дискусија за актуелни теми“.

Средбата САД-Русија дојде еден ден по американско-украинските разговори, исто така, во Саудиска Арабија, за кои Киев рече дека биле „продуктивни“.

Пронајдете не на следниве мрежи: