Загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се поради повреди од стампедото при паниката за излез, рече директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска.
„Пациентите доаѓаа со повреда од интоксикација со јаглероден моноксид и со изгореници. Оние што беа со изгореници од прв степен беа задржани во Кочанската болница. Во моментов има 12 деца. За жал, загинатите се поради повреди од стампедото кое настанала при паниката за излез во тие услови“, рече директорката.
Момче кое успеало да се спаси изјави дека пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запалил стиропорот на таванот, имало експлозија и паднал покривот, по што сите брзале да излезат на единствената врата.
„Пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запали стиропорот на таванот. Слушнав експлозија и падна покривот. После сите брзавме да излеземе, сите трчавме кон една врата, таа е и за влез и за излез“, ни изјави денеска момче на 20-тина години кое синоќа било во публиката во дискотеката „Пулс“ во Кочани на концертот на групата ДНК.
Бројот на загинати лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани досега е 59 лица, на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип. Меѓу загинатите има и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За четири лица распишана е потерница, а колку лица досега се приведени Тошковски не кажа. Од 59-те починати идентификувани се 35 лица, од кои 31 лице е од Кочани, а 4 од Штип.
Кој дал дозвола за пиротехника во „дискотеката Пулс“? МВР ги издава дозволите според закон!
155 се хоспитализирани во различни здравствени установи низ државата, а дваесет повредени кои се во критична состојба ќе бидат пренесени на лекување во Бугарија, Турција, Грција и во Србија, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Таа е во улица со густо наредени куќи.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.