Вицепремиерот и бугарски министер за одбрана, Красимир Каракачанов, го советува премиерот на Р. Македонија, Зоран Заев да не ја злоупотребува темата за македонскиот јазик, за да не се прости неговата земја со можноста за членство во ЕУ и НАТО, соопшти денеска прес-центарот на бугарското ВМРО-БНД.
Реакцијата ја предизвика изјавата на Заев пред Парламентот на Македонија, во која наведува дека Преспански договор со Грција признава постоење на македонски јазик и дека никој нема право да го оспори тоа. За Каракачанов „преспанскиот“ не создавал „вештачки права“.
-Mакедонскиот јазик, кој не е признаен од никого како официјален јазик, да се смета за легитимен на територијата на целата Северна Македонија – вели Каракачанов.
Лидерот на ВМРО-БНД вели дека „ Заев утре може да побара целосно идентичениот бугарски дијалект да биде изучуван како официјален странски јазик и кај нас, што е недозволиво и провокација, пренесуваат бугарските медиуми.
И за работата на бугарско-македонската комисија за историски прашања Каракачанов има забелешки. Тој, вели, оди во насока која не е во корист на историската вистина, бидејќи македонските претставници во неа сакаат да „потврдат лажна историска верзија”. Македонските земји се бугарски и тоа е историски факт, додава Каракачанов.
-Нема да прифатам луѓе со нејасни ставови и со обратно читање на историјата да влезат во НАТО и ЕУ, на грбот и за сметка на Бугарија и на историската правда, уште помалку, кои тајно воведуваат македонски јазик.
Во партиското соопштение Каракачанов се заканува дека ако биде допуштен макар и еден невистинит историски факт или макар еден историски факт да биде заменет, ќе побара Бугарија да не ја поддржи кандидатурата на Македонија за НАТО и ЕУ.