Заев избегна да ги коментира новите моменти во спорот околу името со Грција

Молк од страна на премиерот Зоран Заев околу преговорите за името на државата меѓу Македонија и Грција.
Премиерот денеска имаше свое обраќање во рамките на проектот „Предизвик за млади истражувачи“, но во обраќањето не даде изјава околу спорот за името, со образложение дека не сакал да го засени настанато посветен на децата.
Инаку, денеска српскиот портал „Курир“ објави дека Македонија и Грција не успеале да најдат заедничко решение за спорот за името и дека со тоа како што пишуваат тие преговорите пропаѓаат.
Според изданието, грчката страна барала „премногу“, односно од името целосно да се исфрли „Македонија“ и од долгонајавуваниот компромис засега нема ништо и покрај добрата волја.
Во изминатите неколку месеци, двете страни изразија оптимистички ставови за изнаоѓање на решение што е прифатливо за двете страни, а поддршката дојде и од ЕУ и САД.
Министерството за надворешни работи на Македонија претходно објави дека не треба да се брза со текстот за договорот за името, бидејќи квалитетот на решението е поважен од крајниот рок за завршување на процесот.


Денеска единствено со став се огласија од Владиниот кабинет, демантирајќи ги медиумиските написи на српски „Курир“, кој објави дека преговорите помеѓу Македонија и Грција пропаднале. Од таму велат дека Владата останува посветена на изнаоѓање решение кое го штити и зајакнува достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија. Тие потенцираа дека шпекулациите во овие сензитивни моменти не можат да придонесат оваа стратешка цел од национален интерес, велат од македонската влада во врска со шпекулациите пласирани од регионални медиуми.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.