Заев и Ципрас на нова средба за изнаоѓање решение за името

На маргините на Самитот ЕУ-Западен-Балкан, што денеска почна во Софија, во тек е средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во обид да ги приближат ставовите за спорните прашања во преговорите меѓу двете земји околу решението за спорот за името.
Потврда на досега договореното, поддршка за продолжување на процесот, како и обиди за приближување на позициите во однос на спорните прашања, опсегот на употреба и измените на македонскиот Устав, се темите за кои се очекува да стане збор на тет-а-тет средбата меѓу двајцата премиери, јави известувачот на МИА од Софија.
Ова е втора тет-а-тет средба меѓу Заев и Ципрас по обновувањето на преговорите за името, по таа во Давос.
Средбата почна во 10:30 часот по бугарско време.
Премиерот Заев е предвидено во 14:00 часот по бугарско време да даде изјава за македонските медиуми, кои го следат Самитот.
Средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас изминатите денови се најавуваше како клучна во процесот на решавање на спорот за името. Последните изјави, и од македонската, и од грчката страна, сепак, се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.