Заев преку Фејсбук статус бара прошка од Борисов

Премиерот Зоран Заев им се извини на премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов како и на „пријателите и браќата“ Бугари, со свој Фејсбук статус, за зборовите кажани во телевизиското интервју на „1ТВ“ на 4 август, дека Илинденското востание е македонско.
Овој пост следува еден ден по предупредувањето од премиерот на Бугарија Бојко Борисов дека „кога ќе дојде време Бугарија да го искаже своето мислење за пристапување на Македонија кон ЕУ, ќе се сети на овие зборови и ќе донесе своја одлука“.
Еве што напиша премиерот Заев: „Гледам во пријателска Бугарија се отвори јавна дебата и се постави дури и прашањето за тоа дали ние двете земји и двата народи градиме ИСКРЕНО пријателство и соработка.
Сакам да им порачам на сите граѓани, дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија, да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени. Ние повеќе од една година чествуваме заеднички делови од историјата меѓу двата народи, неколку пати заедно одбележуваме историски настани. Јас сум првиот премиер на Македонија што во Бугарија (Благоевград) се поклони пред споменикот на Гоце Делчев при заедничкото одбележување на празникот.


Претходно мојот пријател, господинот Борисов, беше прв бугарски премиер кој се поклони пред гробот на Гоце Делчев во Македонија (Скопје) при заедничкото одбележување на празникот. Заедно двајцата претседатели на влади се поклонивме и пред споменикот на Цар Самоил во Софија. Заедно во Рим, во Ватикан оваа година ги славевме Светите браќа Кирил и Методиј, заедничките сесловенски просветители. Премиерот Борисов дојде во Скопје специјално да се поклони пред споменикот на Холокаустот на Евреите.
Драги пријатели и браќа од Бугарија, верувајте, искрено градиме пријателство кое неколку децении наназад беше изгубено. Тоа беше загуба за двете земји. Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство“, се вели во Фејсбук статусот на премиерот Зоран Заев.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.