Законот е кукавичко јајце кое го подметнувате да го разнишате унитарниот карактер на државата

Наместо да се засрами од својата недолична изјава за тоа дека сум била деструктивен елемент во Венецијанската комисија заменик-претседателот Османи продолжува со навредите и личните дискредитации, пишува во своето последно обраќање професорката Тања Каракамишева.
– Последната скандалозна изјава дека сум имала шовинистички ставови и дека сум била недостојна да ја претставувам земјата во меѓународните институции ја покажа сета негова замаеност и опиеност од власта, но и личната некултура, вели Каракамишева.
Не сум знаела дека одбрана на Устав и искажано професионално мислење за катастрофално лошиот Закон за јазици кој го донесе оваа власт може да се оквалификува како ШОВИНИЗАМ!
И тоа од устата на заменик претседател на Влада!
Г-дине Османи, личните навреди и дискредитации ја покажуваат целата ваша нервоза за и околу неуставниот и неделовнички донесен закон.
Вашата нервоза нема да ја избрише фуснотата со која на криминален и шверцерски начин го објавивте законот во Службен весник. Нервозата и личната нетрпеливост која ја покажувате кон мене ви расте правопропорционално со мојата искажана вистина дека законот е кукавичко јајце кое го подметнувате да го разнишате унитарниот карактер на државата.
Нервозата е ваше лично чувство кое нема да можете да го скротите и со уште стотина упатени јавни напади против мене затоа што потајно сте свесни дека буткате лошо законско решение.
Можеби ќе успеете да ги средите вашите расеани мислења и чувства кога ќе се видиме на суд!
А до тогаш поработете на својата лична култура.
Многу ви недостасува!, напиша Каракамишева.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.