Во рамките на турнејата низ повеќе европски метрополи, меѓу кои Братислава, Виена, Софија, Сараево и Варшава утре во Скопје доаѓа заменик-државниот секретар на САД, Џон Саливан. За време на својата куса посета на европските дестинации, заменик шефот на Стејт департментот ќе има средби со персоналот во американските амбасади во секоја од овие земји, како и со претставници на бизнис заедниците, алумни од американските програми за размена и граѓанското општество.
Саливан во Скопје ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, по што ќе одржат прес-конференција во Владата на Република Македонија. Тој е највисок функционер на Стејт департментот кој од 2001 година доаѓа во официјална посета на Македонија. Планирано е Саливан во Скопје да разговара за регионалните прашања, а според најавата од Стејт департментот, и да ги охрабри македонските власти да продолжат со реформите на земјата и имплементацијата на Договорот од Преспа.