Западен Балкан има понизок БДП за 18% поради помала вклученост на жените, вели гувернерката на НБРМ

Малата инволвираност на жените во општеството, не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество, оценува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Во интервју за „Блумберг Адриа“ таа посочува дека согласно спроведената анализа на Светската банка,  економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18% од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата. Стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45%, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70%, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.

„Кај нас, податоците се слични, со стапката на активност на жените од околу 45-46%, за разлика од стапката на активост кај мажите којашто е околу 65%, што покажува голем јаз од околу 20 п.п. Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23%, што е релативно мала бројка“,

вели гувернерката на НБРМ.

Народната банка во соработка со Европската банка за обнова и развој ќе работи на проект во насока на поголема финансиска инклузија на жените, најавува Гувернерката. Народната банка ќе биде национален координатор на овој проект, во кој ќе бидат вклучени повеќе институции, во зависност од надлежностите. Целта на проектот е да се овозможи поголема вклученост на жените во општеството, особено да се помогне на жените во сферата на претприемништвото, што подразбира поголем пристап до финансии.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.