Започна судењето за организаторите за 27 април

Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски на 27 април 2017 година, имале своја улога за организација на крвавиот упад во Собранието. Обвинителката Вилма Русковска во воведниот говор кажа дека ќе докаже оти тие имале намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на државата со акти на насилство, за да спречат мирно примопредавање на власта.
„За да се добие комплетна слика за овој настан треба да замислите мозаик. Секој од сега присутните обвинети претставува една коцка. Доколку недостасува една коцка, мозаикот е непотполнет. Токму нивните поврзани и усогласени дејствија го претставуваат тој мозаик“, рече Русковска.
Според обвинението, Јанакиески и Ристовски од партиското седиште на ВМРО ДПМНЕ на 27 април се јавувале во партиските штабови и организирале превоз до Скопје за масовен протест и влез во Собранието. За пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски што ги отворија собраниските порти, Русковска тврди дека такви насоки добиле од тогашниот партиски лидер Никола Груевски.
За него, таа кажа: „Сакаше да се соочи на избори, но кога требаше да се соочи со правдата најкукавички избега“. Според Русковска, Вељаноски кој тогаш беше претседавач на конститутивната седница се допишувал со Груевски и одбил по барање на Оливер Спасовски, да го промени дневниот ред. Вељановски не го спречил пратеникот Зеќирија Ибрахими да ја отпее албанската химна, а кога толпата влегла во Собрание наместо да помогнел во смирување на тензиите, му дал насоки на началникот на неговото обезбедување Ѓошевски да ја насочи групата на Никола Митревски Кољо кон салата каде што беа пратениците. Тогашниот шеф на УБК, Атанасовски ги молбилизирал и координирал членовите на групата предводени од Александар Василесвки – Нинџа и Митревски – Кољо.


Тој според Русковска ги координирал и патриотските здруженија, а потоа им наредил на припадници на УБК да ги уништат снимките од собранието. Русковска воедниот говор го заврши со мисла на Гоце Делчев – историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ се разделува на толку различни страни. Обвинетите рекоа дека не се виновни и дека против се водел политички прогон.
„Во конкретниот случај и од воведниот говор на самото обвинителство не можевте да видите и посочување на ниту еден доказ. Не постои доказ за никаква порака и организирање од Спиро и Миле на било кого. Не постои организиран превоз за тој ден, ниту доказ за такво нешто“, рече Еленко Миланов, адовкат.
„Начинот на кој се води ова судење и ова судење и начинот на постапување на обвинителството е во најдобрите традиции на судењата од 1948 година, кога врз основа на измислени сведоци беа осудувани голем број на патриоти, луѓе кои се бореа за независна Македонија“, изјави Јовица Апостолски, адвокат.
Судењето ќе продолжи во март.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.