Започнува тестирањето на вакцините на голем број пациенти следниот месец

Двете најголеми фармацевтски компании, Moderna и Johnson&Johnson, ќе започнат со тестирање на вакцините против САРС-КоВ-2 на голем број пациенти следниот месец.
Тестирањето на вакцината кај луѓето ќе започне порано од очекуваното, што дава надеж дека вакцината против коронавирус може да биде подготвена за масовна употреба во април следната година. Компаниите ќе започнат со производство на вакцината пред да се знае дали е ефикасна, а првите резултати би можеле да бидат достапни во ноември.
Пред три дена, Светската здравствена организација (СЗО) објави дека од 133 кандидати, вклучително и разни фармацевтски компании и универзитети, десет од нив добиле одобрение за тестирање на луѓе. Покрај двете веќе споменати, најблиску до третата фаза дојде во испитувањата и британскиот универзитет Оксфорд во соработка со компанијата AstraZeneca.

Тие ќе започнат со тестирање во август. Секоја студија ќе вклучува околу 30.000 испитаници. Третата фаза на клиничките истражувања е проследена со четврта фаза во која се забележува употребата на лекот во јавност и се потврдува нејзината ефикасност. Но, постои ризик во сето ова бидејќи компаниите ќе започнат со производство на вакцини пред да знаат дали се ефикасни. Главниот американски епидемиолог Ентони Фаучи ги објасни причините.
– Модерна се подготвува за третата фаза, која треба да започне во првата недела од јули. Започнуваме со производство на дози пред да знаеме дали вакцината делува – тоа ќе го сториме додека ја тестираме вакцината. До ноември или декември, би можеле да знаеме дали вакцината е ефикасна. Дотогаш, веќе ќе имаме 100 милиони дози – изјави Фаучи за медицинскиот весник JAMA.
Johnson&Johnson планираа да започнат со тестирање на вакцината во септември, но заради успешните претклинички податоци и забрзаната работа на развивање на експериментална вакцина, пробното тестирање ќе започне во втората половина на јули. Тие проценуваат дека може да добијат 600 до 900 милиони дози подготвени до април следната година.
За вакцината да се покаже ефикасна, треба да ја преземат 70 проценти од Американците. Со оглед на зајакнување на движењето против вакцинирање и анкетите на јавното мислење кои покажуваат дека половина од Американците не се сигурни дали да се вакцинираат или не, сомнително е кога вакцината би можела да се покаже како успешна. Покрај тоа, американскиот претседател Доналд Трамп промовира потенцијално опасна употреба на антималаричниот лек хидроксихлорокин и на тој начин создава сомнеж кај граѓаните кои се прашуваат дали вакцината воопшто е потребна.
– Најмалку 70 проценти од Американците треба да бидат вакцинирани против вирусот САРС-КоВ-2 за да развијат ефикасен имунитет на крдо и да го елиминираат вирусот меѓу американската популација. Стапката на вакцинација од 50 проценти нема да го постигне тоа – изјави претседателот на американскиот центар за глобално здравје, Расел Медфорд.
Иако во повеќето земји се олеснети рестриктивните мерки наметнати поради пандемијата на коронавирус, се разгледува „нова нормала“ и почетокот на туристичката сезона, додека бројот на заразени ширум светот продолжува да расте и има предупредувања за втор бран.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.