Заради ураганот “Доријан” Трамп прогласи вонредна состојба на Флорида

Ураганот “Доријан” се очекува да удри во понеделник и вторник на Флорида со јачина од 4. категорија, па поради тоа претседателот Доналд Трамп прогласи вонредна состојба. Тој предупреди дека ураганот би можел да биде “апсолутно чудовиште“, пренесува АП.
Трамп им нареди на американските сојузни власти да им помогнат на локалните власти на Флорида во одбраната од ураганот.
АП потсетува дека невремето се очекува да достигне катастрофална категорија 4 и да го погоди брегот на Флорида доцна во понеделник или рано во вторник. Националниот центар за урагани во Мајами предупреди дека Доријан е “исклучително опасен“ и претставува значителна закана за Флорида и северозападниот дел на Бахамите.
Американскиот претседател го откажа патувањето во Полска закажано за викендов за да остане во Вашингтон и да ја следи ситуацијата со ураганот.