Захариева: Без гаранции нема преговори

Недостатокот на “гаранции за добрососедски односи и неспроведувањето на билатералните договори”, е клучниот фактор што ја довело бугарската влада да не ја прифати преговарачката рамка за Македонија и да го блокира почетокот на преговорите со Унијата.
Во интервју за германскиот јавен сервис АРД дадено на почетокот на декември, а објавено вчера, Захариева вели дека Софија нема да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори, се додека тие гаранции не станат дел од Преговарачката рамка.
Проблем, според министерката, е и признавањето на „историската вистина“, обвинувајќи дека во Македонија се уште се присутни тоталитарни методи на владеење.

“Бугарија сака да биде признаена историската вистина. Тоа не беше проблем за Северна Македонија кога се потпишуваше Договорот – тоа заедничко минато кое треба да не поврзува, а не да не разделува. Ние не велиме: Овие херои се само наши. Ние велиме: Тоа се заеднички херои. Тоа е модерно размислување на две земји, особено доколку сакаат да бидат заедно во ЕУ. Не може секојпат кога некој во Северна Македонија јавно ќе каже дека некој од овие херои бил Бугарин, да биде јавно линчуван. 30 години по падот на тоталитарните режими, тоталитарните методи и пристапи не смеат да бидат државна политика“, вели Захариева за АРД.
Захариева понатаму се осврнува и на историските учебници во земјава, прашувајќи како би се чуствувала германската јавност доколку 75 години по војната се уште би биле претставени како фашисти?
Образложувајќи ја потребата од вметнување на бугарските барања во преговарачката рамка, барење кое беше одбивано од актуелниот претседавач со ЕУ Германија, Захариева го споменува примерот со Хрватска.
„Северна Македонија очигледно не е подготвена, договорите за пријателство, добрососедство и соработка да бидат надгледувани и да станат дел од Преговарачката рамка. Кога некој во С. Македонија вели дека ќе се придружува до договорот со Бугарија, иако во моментов не го почитува, зошто е проблем, добрососедските односи – еден хоризонтален мастришки критериум – да се вметнат во Преговарачката рамка? Постојат такви текстови во Преговарачката рамка на Хрватска. Тоа не е преседан“, вели Захариева во интервјуто за АРД.
Денеска, пак, одговарајќи на пратенички прашања, Захариева посочи дека историската комисија за две години не постигнала никакви резултати, а фрапантни биле и административните сопки за бугарските инвеститори во Македонија.
Како еден од најсилните аргументи за блокадата, Захариева го наведе говорот на омразата во Македонија, порачувајќи дека додека не се смират страстите, нема смисла да продолжат преговорите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.