Захариева-Димитров: По потпишувањето на Договорот за добрососедство е направен значаен напредок во соработката меѓу Скопје и Софија

По денешната средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров во Софија, министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева изјави дека брзата ратификација на Протоколот за прием во НАТО во бугарскиот Парламент е добар пример за тоа колку е силна поддршката на Бугарија и колку за нас е стратешки важно Северна Македонија да биде дел од  Алијансата.
“Се надевам дека во декември во Лондон ќе бидете полноправен сојузник и дека до тогаш ќе заврши ратификацијата на Протоколот во сите национални парламенти. Важно е во јуни да ги почнете и преговорите за членство во ЕУ“, изјави шефицата на бугарската дипломатија, Захариева.
Таа искажа и задоволство од работата на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања, но и надеж дека ќе се интензивира и бизнис соработката меѓу двете земји.
Захариева рече дека на бизнисот меѓу двете земји “му е потребна нова инфраструктура бидејќи е грев 288 километри да поминувате за четири часа“.
Изразувајќи благодарност за бугарската поддршка за НАТО и ЕУ министерот Димитров оцени дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство е направен значаен напредок во соработката меѓу Скопје и Софија и дополни дека приближувањето меѓу двете земји не треба да биде само политички, туку и економски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.