Официјална Москва денес соопшти дека заканите со воени напади против нејзиниот сојузник Иран се неприфатливи и предупреди дека нападот врз Исламската Република може да предизвика потенцијално катастрофални резултати доколку бидат бомбардирани нуклеарни постројки.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата му се закани на Иран со бомбардирање и царини доколку Техеран не постигне договор со Вашингтон за неговата нуклеарна програма, а САД испратија дополнителни воени авиони во регионот.
На прашањето за иранската нуклеарна програма и опасностите од сегашната ситуација, од руското Министерство за надворешни работи изјавија дека Москва е посветена на изнаоѓање решение за иранската нуклеарна програма што ќе ги почитува правата на Техеран за мирна нуклеарна енергија.
Употребата на воена сила со која се закануваат иранските противници е незаконска и неприфатлива, изјави за новинарите Марија Захарова, портпаролка на Министерството.
„Надворешните закани за бомбардирање на иранските нуклеарни инфраструктурни објекти неизбежно ќе предизвикаат неповратна глобална катастрофа. Овие закани се едноставно неприфатливи“, рече таа.
Западните сили го обвинуваат Иран за таен план за развој на способност за нуклеарно оружје со збогатување ураниум до високо ниво на чистота на фисија, надвор од она што тие велат дека е оправдано за цивилна програма за атомска енергија.
Техеран вели дека неговата нуклеарна програма е целосно за цивилни енергетски цели.
Русија и Иран потпишаа „договор за сеопфатно стратешко партнерство“ во јануари, иако нема клаузула за заемна одбрана. Според договорот, ако едната страна биде нападната, другата нема да му помогне на агресорот.
Русија ги осудува американските закани, изјави заменик министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков за списанието Life. Рјабков рече дека нападот врз Иран може да се претвори во поширок отворен конфликт на Блискиот Исток.
Последиците од тоа, особено ако дојде до напад на нуклеарната инфраструктура, може да бидат катастрофални за целиот регион“, рече Рјабков.