За Велигден во Скопје посебен сообраќаен режим

По повод празникот Велигден викендов на 27 и 28 април за одредени сообраќајници во централното градско подрачје, и општините Ѓорче Петров и Аеродром ќе биде  воведен посебен сообраќаен режим.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека утре од 18 часот, па се до завршувањето на настаните во врска со празникот, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени булеварот „Партизански одреди” од крстосницата со улицата „Аминта Трети” до крстосницата со булеварот „ВМРО”, и булеварот „Свети Климент Охридски” од крстосницата со булеварот „Илинден” до крстосницата со улицата „Димитрие Чуповски”.
Покрај ова, на возилата од јавниот градски сообраќај што поминуваат преку мостот „Гоце Делчев” им се менува трасата на движење при што ќе се движат по булеварпт „Илинден” и преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански одреди”, додека автобусите што поминуваат преку центарот на градот ќе се движат по улицата „М.Т.Гологанов” па преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општината Ѓорче Петров по потреба ќе бидат затворени за сообраќај сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по булеварот „Партизански одреди“, десно по улицата „Ѓорче Петров“, лево по улицата „Васил Чакаларов“, како и сообраќајот од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата „Демир Трајко“ и лево по улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.