Директорувањето на Ангелов со Центарот за управување со кризи (ЦУК) се најде под знак прашалник откако тој завчера соопшти дека неговата партија ја напушта коалицијата со СДСМ, по што техничкиот премиер Талат Џафери најави дека ако лидерот на Достоинство се одлучил на таков чекор тоа ќе заврши со негово разрешување од функцијата
Дали лидерот на политичката партија Дистоинство, Стојанче Ангелов, кој реши да ја напушти коалцијата со СДСМ, ќе остане на директорската позиција на Центарот за управување со кризи (ЦУК) или ќе биде разрешен Владата ќе одлучува на следната седница.
„Владата на Република Северна Македонија одлучи на следната владина седница да се донесе одлука во врска со кадровското решение во Центарот за управување со кризи“, се наведува во соопштението од Илинденска број 2 по денешната седница.
Иако во владиното соопштение не е наведено за кое кадровско решение конкретно станува збор, повеќе е јасно е дека станува збор за позицијата на Ангелов, откако тоа вчера го најави техничкиот премиер Талат Џафери.
Тој најави и дека ќе разговара со Ангелов во врска со неговата одлука за напуштање на владината коалиција и постапката што неговата партија ја почнала во таа насока.
„Ако јавно најавил дека не стои зад владината програма, од формален аспект како премиер ќе започнам одредени постапки во однос на кадровското решение, односно ќе донесам и соодветна одлука. Тоа што го кажал на телевизија не е започнување на постапка, но утре јас директно ќе комуницирам со него. Ако така одлучил, тогаш ќе заврши со разрешување, оти нема друг начин. Бидејќи сме во изборен период, тоа треба да го реши друг орган“,
изјави вчера техничкиот премиер.
Директорот на ЦУК денеска во изјава за медиумите рече дека Џафери му се јавил телефонски и оти разговарале за ова прашање, додавајќи дека ако премиерот побара средба тој ќе ја прифати, иако како што рече, тој и неговата партија веќе кажале сè во врска со излегувањето од коалицијата со СДСМ.
„Премиерот Талат Џафери ми се јави, разговаравме, телефонски ме извести. Неговата изјава дека треба да се видиме ја видов подоцна, доколку ме побара, секако дека ќе се сретнам, тој е претседател на Владата, јас сум директор именуван од оваа влада. Но, она што тој сака да ме праша ние јавно го кажавме, ние јавно објавивме дека излегуваме од коалицијата со СДСМ“,
изјави Ангелов.
Директорот на ЦУК посочи и дека за да биде прифатен предлогот на премиерот за негово разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од редовите на СДСМ.
Најaвата на техничкиот премиер дека ќе го разреши, Анеглов претходно ја искоментира во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
„Командант од УЧК ќе разрешува генерал на безбедносните сили (насловот е позајмен од веста објавена на порталот на Радио Лидер). Колку тоа некому да не му се допаѓа, вклучително и на мене, непобитен факт е дека поранешниот командант Форина од УЧК денес е легитимен претседател на македонската Влада. Како премиер тој има право да предлага именување и разрешување на функционери кои ги именува Владата. Конечната одлука ја носи Владата со мнозинството министри што само по себе значи дека, за да биде прифатен предлогот на премиерот за мое разрешување, поддршка треба да дадат министрите, вклучително и вицепремиерите од СДСМ. Во спротивно ќе нема мнозинство за мое разрешување“,
напиша Ангелов на Фејсбук.
Тој во објавата додаде дека за одлуката да ја напушти коалицијата со СДСМ, навремено го известил најпрво генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, а потоа и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Двајцата, како што напиша Ангелов, позитивно се изјасниле за неговата професионалност како директор на ЦУК и сугерирале дека во овој чувствителен период за државата треба да остане на чело на оваа значајна институција без разлика на политичката одлука на Достоинство за напуштање на владината коалиција.
Ангелов вели дека доколку Владата се согласи со предлогот на премиерот Џафери за негово разрешување, тој без противење ќе ја прифати ваквата одлука.
Како што претходно посочи Ангелов, причината за одлуката Достоинство да ја напушти коалицијата со СДСМ се неисполнетите барања и очекувања на неговата партија за обесштетување на десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители од конфликтот во 2001 година.
Освен за излегување од коалицијата со СДСМ, Ангелов информира дека раководството на Достоинство минатата недела донело и едногласна одлука за прифаќање на можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.