За една седмица тројца заболени од грип починале на Инфективна, а двајца на КАРИЛ

Изминатата седмица се пријавени пет смртни случаи од грип, а две лица имале претходна хронична болест.  Тројца починале на Инфективната клиника, а двајца на КАРИЛ. Сите добиле тешка компликација од респираторните инфекции, изјави денес д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог и раководител на сектор во Институтот за јавно здравје, кој ги обелодени најновите смртни случаи и новозаболени од грип.
– Според извештајот што го добивме, кај овие пет случаи станува збор за тешки, масивни бронхопневмонии и за откажување на кардиоваскуларниот систем. Секој заболен со симптоми на грип треба да побара лекарска помош, особено ако и по 2 дена состојбата се влошува, за да се постави точна дијагноза и навреме да се реагира со терапија. Доминантен тип на вирусот е А (Х1 Н1) – нагласи д-р Кузмановска, а за повеќе информации, таа упати за одговор во двете клиники каде починале заболените од грип.
Оваа сезона има 28 починати од грип и повеќе од 20.000 заболени рече д-р Кузмановска, и појасни дека вирусот на грип годинава претрпел промени во својата структура и станал значително поагресивен и вирулентен.
Најголем број од починатите лица се жители на подрачјето на Скопје 13 лица, 4 лица се од Охрид, по 2 од Кичево, Кавадарци, Делчево и Тетово, и по еден смртен случај е пријавен во Ресен, Крива Паланка и Валандово, стои во последниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Возраста на починатите е од 39-75 години. Кај три лица од починатите е изолиран вирусот на грип, а кај еден несубтипизиран тип а. Со ова во сезоната 2018/19 регистрирани се вкупно 28 смртни случаи асоцирани со грип, а лицата биле на возраст од 5 до 86 години, што е најмногу досега по 2009-та година кога се појави Свинскиот грип.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.