За Жолтите елеци Макрон задоцнил со одлуката

Антивладините протести што почнаа минатиот месец во Франција заради зголемувањето на данокот на горивото прераснаа во протести од големи размери и гнев против Емануел Макрон. Неименуван претставник на Елисејската палата изјави дека претседателот Макрон се откажал од зголемување на данокот за гориво планиран за следната година поради страв од ново насилство, по повеќенеделните и најголемите немири во Париз во последниве децении.
Демонстранти ја поздравија синоќешната одлука на претседателот  Макрон, но истакнаа дека можеби тоа не би било доволно да се смири гневот на јавноста.
– Мислам дека одлуката е донесена предоцна, изјави портпаролката на Жолтите елеци, Жаклин Муро, додавајќи дека сега различни протестни групи ќе одлучуваат за понатамошните чекори и дека е многу веројатно дека ќе продолжат со протестите.
Таа ги повика демонстрантите да ја искористат слабоста на француската Влада и да поднесат и други барања, како што е зголемување на минималната плата.
– Француската Влада се откажа од зголемување на данокот на гориво во 2019. година, кој претходно беше суспендиран на шест месеци, изјави синоќа францускиот премиер Едуар Филип, кој пред пратениците во Парламентот наведе дека „засега се откажува од зголемување“ во буџетот за 2019. година, а на Владата и порача „да се подготви за дијалог“.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.